Вкусот на медитеранот доаѓа со доматниот сос, популарно наречен ќечап. Нашите домаќинки одамнина го подготвувале за зимница, како доматна салца, со кромитче и зејтинче како витаминска бомба за зимските месеци. еве еден модерен и вкусен рецепт со мирудиите на новото време.
Потребни состојки:
– три килограми домати,
– 1/2 килограми кромид
– 1 кг јаболки
Се варат на мала температура за да се омекнат и го пуштат својот вкусен сочен сок.
Со миксер се’ се миксира и пасира.
Потоа се процедува низ цедалка за да се одвојат малите заостанати лушпи и семенки кои останале од варената смеса.
Потребни ЗАЧИНИ:
– 1/2 лажичка коријандер;
– 1/2 кафена лажичка црн пипер во зрна;
– 3 до 4 семенки каранфилче
Зачините се ставаат во газа во врзопче и се остават во смесата само да ја пуштат својата арома.
Смесата со пасираните домати и јаболката со зачините ги ставаме да провријат заедно.
Се додава сега и:
– 100 мили литри алкохолен оцет од 9%
– 1 мала лажичка сол
– 100 грама шеќер
– 1 мала лажичка црвен пипер (сладок)
– 1/2 лажичка мелен цимет.
Смесата се враќа да се провари уште 15-20 минути да се соединат сите состојки, вкусеви, зачини и ароми.
Врелиот подготвен ќечап се пакува во претходни стерилизирани тегли.
Овој ќечап се приложува како додаток на јадењата, на варивата, за пица, за пишии, а ако му додадете исецкан крмид и магданос со неколку капки зејтин може да стане и сочна замена за салата во текот на зимскиот недостаток на градинарските домати.