Младиот 16 годишен член на ШК „7 Ноември“ од Гевгелија, Илија Велков освои подиум, ТРЕТО место и бронзен медал на одржаниот Интернационален Младински турнир во шах “Езерска Кралица 2024”.
Турнирот е традиционален и се одржува 5-та година по ред. “Езерска Кралица 2024” (“Lake Queen”) се одржа од 8 до 10 септември во хотел „Дрим“ во Струга.
Гевгелискиот младински претставник во шах со освоени 3.5 поени од 6 кола го освои одличното 3 место и бронзен медал, во конкуренција до 16 години. Ова е достигнување остварено во конкуренција од 90 натпреварувачи од 6 шаховски федерации.
На истиот турнир гевгелискиот шаховски клуб имаше уште еден младински претставник-натпреварувач. Тоа беше Дарко Ѓоргиев кој освои 1.5 поен од 6 кола.
И двајцата тренираат веќе 2,5 години во ШК „7 Ноемрви“ Гевгелија и дел се од младинската шаховска иднина на Гевгеија. Клубот за овие полни три години од своето обновено егзистирање, тренинг и натпреварувања успеа да достигне бројност од 40 активни членови од кои 15-на се младинци.
Гевгелискиот шаховски клуб полека се враќа во кондиција и на победничките патеки од своето богато минато. После трикратниот младински првак на Македонија во 90-те години од минатиот век, Венци Попов и овогодинешниот младински првак на Македонија Ефе Ибраимов, и двајцата членови на ШК „7 Ноември“, гевгелиските шахисти продолжуваат со победите. И младиот Илија Велков е на два чекори до првото место. Му треба уште тренинг, искуство, самодоверба која што ја стекнува преку играта со своите членови, но и со младинци од негова возраст во интернационалните дуели.
Ефе Ибраимов крајот на август и почетокот на септември учествуваше на Светскиот турнир во шах, што се одржа во Германија. Овде Ефе имаше две победи. Сепак тоа не беше доволно за медал, но искуството на таблата со вкрстување на потезите со меѓународни играчи ќе го искали за следните предизвици што се пред него.
Така, гевгелискиот шаховски клуб го враќа сјајот на древната игра на црно-белите полиња и ја популаризира меѓу младите, а овие желни за успех освојуваат подиуми, младински титули.
Браво, продолжете напред со успесите!