– „Општина Гевгелија на барање на семејството Трајковски одвои еднократна парична помош во висина од 45.000 денари колку што бараше самото семејство за санација на нивниот опожарен дом“ – изјави Сашо Стојиловски, член на Советот на општина Гевгелија од Миравци, на одржаната 22-ра седница на Советот.
– „ Во текот на изминатите денови беше направена донаторска акција и собрани беа доволно средства за санација на опожарениот дом на фамилија Трајковски од Миравци. Беше изгорена целата внатрешност на домот. Објектот е саниран и семејството веќе живее во својот дом“ – истакна Стојиловски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во своето обраќање додаде дека се слушнал со семејството за време на паузата на 22-ра седница на Советот на општина Гевгелија и тие се изјасниле дека не им треба дополнителна помош.
Со ова објаснување беше одбиен предлогот на советничката група на СДСМ да се расправа за предлог одлука за одвојување 150.000 денари финансиска помош на семејството Трајковски од Миравци на кои на 12 јануари им беше опожарен домот од продолжен кабел кој се запалил и ја опожарил целата покуќнина и внатрешноста на семејната куќа. Предлогот од говорницата на 22-та седница на гевгелискиот Совет го изнесе Александар Пандовски, член на Советот од редовите на СДСМ, инаку жител на Миравци.
Сограѓаните на Лена и Митко Трајковски изминатите денови на социјалните мрежи бараа помош за брза санација на нивниот дом, бидејќи објектот беше нефункционален за живот, а тие престојувале кај роднини. Беа поставени кутии за донации во Миравци, се донираа материјали за внатрешна санација на објектот, се работеше доброволно.
За немилиот настан – опожарувањето на семејната куќа на Трајковски од Миравци, на првата седница од 2023 година, одржана на 30 јануари, советничката група на СДСМ реагираше со предлог за одвојување финансиски средства во износ од 150.000 денари, а советник од Миравци од ВМРО-ДПМНЕ образложи дека помош не е потрабна.
Осум советника гласаа „за“, 10 беа „воздржани“, а 1 советник не учествуваше во гласањето. Со тоа предложената финансиска помош од 150.000 денари беше одбиена од мнозинството членови на Советот кои не прифатија одвојување средства за санација на домот на Лена и Митко Трајковски од локалниот Буџет на општина Гевгелија.
Советнички опозит – Едни предлагаат помош, други велат дека не треба.
Посакуваме мирна зима за семејството Трајковски од Миравци.