Ниту меѓународната конкуренција не може да го покрие талентот и умешноста на девојчињатаод танцовото студио „SWEET DANCE“ од Богданци кои на Интернационалниот танцов фестивал „DANCE OFF“ одржан неделава во Скопје „собраа“ дури четири пехари и освоија четири подиуми за најдобра танцова изведба.
Заслужни носители на трофеите се сите четири групи со кои „SWEET DANCE“ настапи на International Dance Festival во Скопје во многу добра конкуренција:
🥇ПРВО место за „В hip hop formation“ – грпата Јуниори
🥈ВТОРО место за „А street dance show formation“ – група „kids“
🥉ТРЕТО место за „B hip hop formation“ – група „kids“ (втора група деца)
🥉ТРЕТО место за „A hip hop formation“ – група „mini kids“.
Еве дел од победничкиот настап на јуниорската денс група во категорија „В hip hop formation“ која се закити со Пехар за освоено ПРВО место.
Кореографот и тренер на танцовото студио „Sweet dance“ е младата Тина Тренчевска која повеќе од деценија ги упатува и обучува најмладите во светот на танцот. Таа вели дека на Интернационалниот танцов фестивал во Скопје учествувале со 4 групи: една група мини кидс, две групи „кидс“ и една група јуниори и сите се закитија со награди.
Песните на кои настапуваат девојчињата се миксови кои сама ги одбира и ги прави во ритмична танцова низа, а професионално ги обработува ДиЏеј Борче од Богданци.
Еве ги радосните лица по објавата на резултатите:
Во танцовото студио „Sweet dance“ тренираат девојчиња од 5 години до 17 годишна возраст. Освен уживањето во танцот тие учат и изведбени точки за настап на натпреварувачки фестивали. Студиото работи и со повозрасни лица со кои се вежба аеробик, фитнес, данс и зумба.
После оваа успешна натпреварувачка сесија на „DANCE OFF“ во Скопје, ја прашавме Тренчевска дали со пехарите ја заокружуваат танцовата сезона за годинава, а таа ни’ одговори:
– „Пред „DANCE OFF“ имавме успешен настап на натпревар во Струмица во месец мај и овде во добра конкуренција освоивме две Први места, едно ВТОРО место и едно ТРЕТО место“, изјави Тина Тренчевска.
Значи секогаш се враќааат со освоени трофеи, заклучуваме ние.
– „Годината ќе ја заокружиме со натпреварот „DANCE JAM“ во Златибор, Србија, кој ќе се одржи во средината на месец декември. Една недела по враќањето од Златибор организираме Новогодишен концерт за нашата публика и, за крај, приватна забава за членовите на студиото со танцување, награди за девојчињата“.
Студиото „Sweet dance“ постои од 2015 година и до сега некои девојчиња пораснаа со танцот и ритмот што им го пренесе дружењето и тренирањето во танцовото студио.
– „Здравје, следната 2025 година славиме 10 години постоење на нашето студио „Sweet dance“ – го најави јубилејот Тренчевска.
Ние им честитаме за до сега постигнатото и да слават уште нови јубилеи со нови заслужени награди за своите танцови умешности!