Спортски ентузијастички подвиг стар 48 години. На денешен ден 26 септември 1978 година гевгеличанецот Ице Дојранлиев го преплива Дојранското Езеро во целата негова должина од плажата „Ачикот“ до плажата „Мрдаја“ и двете распоредени во правец север-југ на територијата на Република Македонија.
Дистанцата од 8 километри ја исплива за 2 часа и 20 минути.
Ова е самостоен подвиг на Ице Дојранлиев, тогаш студент на медицина, но посветен пливач, тенисер, активен член на Ракометниот клуб „Партизан“ од Гевгелија каде што настапувал на позиција пикер.
Недостатокот на пливачки клуб во Гевгелија, базен за редовни тренинзи го ограничиле Дојранлиев да се занимава со неговиот омилен спорт пливањето, но Дојранското Езеро од чии корени е и неговото семејно презиме, му ја оставило слободата сам да создава свои пливачки подвизи.
Секој ден од летниот распуст додека престојувал на Дојранското езеро Дојранлиев два пати дневно пливал до бурињата на македонско-грчката разделна линија од езерото и назад (4 km до бурињата и назад на градската плажа во Дојран, вкупно растојание од 8 km)). Два пати во денот, претпадне и попладне. Често во подвигот го придружувала и неговата сестра. Ова им била забавата во летото, а всушност неформален спортски тренинг за маратонот од 8 километри кој го предвидувал и посакувал да го оствари Дојранлиев.

Во далечната 1978 година запливал по должината на езерото со цел да го преплива и да постави свој пливачки рекорд. Како придружба во водите на езерото биле тројца негови другари: Тони Ташев, Илија Глигоров (сокласници) и Глигор Јосифов, другар по пливање во Дојран. Тие го следеле потфатот на Ице следејќи го со чамецот на Јосифов и направиле видео запис со приватна домашна камера. По 2 часа и 20 минути на јужната страна од Дојранскиот брег ги пречекал наставникот Узунов од Дојран, тогаш дописник на весникот „Вечер“, кој известувал за спортскиот настан.
Денес Дојранлиев е пензиониран доктор-специјалист педијатар и посветен спортски следбеник на сите официјални светски настани. Навива за Новак Ѓоковиќ заради неговата спортска пркост да не се предава и да се стреми напред, но и заради неостварената желба тој лично, д-р Дојранлиев да се развие како тенисер.
- „Штета што во тоа време немаше спортски базен, или тениски клуб во Гевгелија, за да тренирам и напредувам во саканите спортови. Се ориентирав на ракометот со стручната и тренерска посветеност на мојот некогашен наставник Ѓорѓе Ганев – Гоше. Се вклопив во тимот РК „Партизан“ и тоа беше мојот спортски издувен вентил. Сепак, никогаш не се откажав од пливањето и тенисот. Ги впивав од телевизиските преноси сите потези и тактики на пливачите и тенисерите од светските првенства и ги тренирав самостојно. Ги замарав домашните, децата и внуците правилно да пливаат, вешто да сервираат тенис, да нуркаат под вода и да уживаат во убавината на спортот како животна рекреација. Би бил среќен спортските вештини да ги владеат и моите потомци“ – вели д-р Ице Дојранлиев.

Честитки за незнајниот рекорд кој денеска навршува 48 години!
Многу здравје и спортско уживање со новите твои ученици по спорт, докторе!




















