Семејствата на жртвите еден ден по трагедијата во дискотеката „Пулс“ немаат тела на починатите кои се на обдукција, повредените се на лекување во клиники во земјата и во Грција, Србија, Турција. Тагата не може да се оплакува на гроб, ниту пред постелата на повредените, па кочанчани денеска излегоа на протести по улиците да ја искажат својата болка и гнев од трагиката за кој некој треба да сноси одговорност.
Во неделата, 16 март во дискотеката „Пулс“, која ја нарекуваат дискотека на смртта, во која изби пожар, 59 лица го загубија животот, а 155 се повредени. Настраданите се претежно млади лица, а има и малолетни.
Вака почна денот со слики на своите деца родители плачат пред масата насобрани граѓани.
Граѓаните кои протестираа стигнаа до фирмата на сопственикот на дискотеката „Пулс“. Најпрвин фрлале камења кон излогот на сопственикот на дискотеката, а потоа го превртеле неговото возило.
На протестот во Кочани на кој се бара правда за загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, претходно дел од групата упадна и во кафулето „Класик“ кое е во истата сопственост на нелегалната дискотека и го демолира.

Инаку, пред општинската зграда, голем број граѓани на Кочани се собраа и побараа правда за жртвите. Го повикуваа градоначалникот, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка да излезе од зградата, а дел од присутните маваа со камења и јајца.
Градоначалникот вчера не излезе на местото на трагедијата, не се појави во јавност да изрази сочуство ниту беше во болница да ги посети повредените. Дури утрово на својот фејсбук профил напиша дека поднесува оставка и побара од институциите да ја испитаат одговорноста за пожарот во неговиот град.
Собраните извикуваа „Убијци“ и „Секој еден може да биде следен!“.
Тензично стана и пред полициската станица во Кочани. Овде луѓето извикуваа „Сакаме правда!“