Младиот херој е гордост за цела Македонија – за хуманоста и човечноста, без да мисли на себе и да се втурне во оганот да спасува човечки животи, денеска се јави и бизнисменот Механџиски, сопственикот на „Зегин“ кој најави дека целосно ќе му ја покрие станарината за време на студирањето на матурантот Јован, кој најверојатно ќе се запише да студира во Скопје.
Јован Костадинов, матурант од средното училиште „Ванчо Прќе“ во Виница, се покажа како вистински херој за време на трагичниот пожар во Кочани, при што спасил околу дваесетина повредени лица. Иако млад, неговата храброст и несебичност се пример за човечност и солидарност.
- „На почетокот мислев дека се работи за тепачка, но кога излезе црниот чад, сфатив дека е пожар. Не бев сам, имаше и други херои кои помагаа. Таа вечер никогаш нема да ја заборавам – беше полошо од хорор филм,“ раскажува Јован за МИА. Тој додава дека во тие моменти не мислел на сопствениот живот, туку само на тоа да помогне.
Една од повредените е и неговата другарка Јелена Арменска од Берово, која вели дека токму Јован ѝ го спасил животот. „Се спасив благодарение на Јован. Имало Господ – јас и моите две другарки се вративме живи и здрави. Хероите беа таму, пожарникарите, полицијата, обезбедувањето… сите помагаа“, вели таа.
Јелена прво била хоспитализирана на Клиничкиот центар во Скопје, а потоа испратена на лекување во болницата „Ла Паз“ во Шпанија, каде поминала една недела. „Таму беше страшно, имаше млади на кои им беа направени пластични операции“, се сеќава таа.
Големата поддршка и солидарност не застануваат тука – компанијата „Зегин“, чиј сопственик Благоја Механџиски потекнува од Малешевијата, најави дека целосно ќе му ја покрие станарината на Јован, кој најверојатно ќе продолжи со високо образование во Скопје.
Во трагедија која ги потресе многумина, храброста и човечноста на младиот Јован остануваат светол пример за тоа што значи да бидеш херој – не со униформа, туку со срце.