Традицијата стара речиси 70 години, Првомајските трки во с.Стојаково, богданско се одржа и денеска на Денот на трудот со многу учесници, натпреварувачи и бројна публика од околните населени места и подалеку.
Се организираа натпревари во 22 дисциплини од кои најинтересни се трките со коњи, со магариња, со вреќи, со рабонички колички, а имаше и брзински трки во различни возрасни групи, трки со велосипеди, тегнење со јаже, борба со раце и новата атракција „Велигденско јајце“.
Победниците се многу, и тие кои стигнаа на целта, и сите кои денот го поминаа во натпревари, во навивање, бодрење, радост и многу забава и насмевки.
Заслужни за целата организација се самите жители на Стојаково, организирани во Месна заедница Стојаково. Нивен изум е и трката со магариња, домашно животно кое што некогаш го имала секоја куќа како стока за запрега и носење товар. Еве како денеска изгледаше трката со инаетливите магариња, младите ги јаваа, постарите трчеа до нив да ги бодрат новите стопани.
Натпреварувачкиот дел започна уште изутрина во 09:00 часот и траеше се’ до исцрпување на дисциплините, а потоа се доделуваа наградите за победниците и првите три освоени места според постигнатиот резултат. Наградниот фонд на манифестацијата изнесуваше скромни 50.000 денари, но и со толку скромен фонд денот беше исполнет со спорт и забава.
Еве како изгледаа трките со вреќа на нозете.
Забава за цело село, и старо, и младо, и тукашни, и подалечни соседи кои слушнале за атракцијата во Стојаково и дошле да ги проследат Првомајските трки.


Радосен ден за најмалите, како и за малата Мила која уживаше во атрактивната трка со магаренцата, ги запозна овие животни и храната која ја јадат, па седна на стогот сено да им ја чува храната.

Во забавниот дел кој започна во 18 часот настапија: ЗКУД „Бран Петрушев” фолклорна секција Стојаково, Оливера Станковска, Мартин Костадинoв &BEND, Серафина Горбашлиева, „ASTRA BEND“ и „Kolace Bend“.
Забава за цел ден и ноќ, за сите возрасти, пример за сожителство и заедништво, традиција која трае и се наследува. Стојаково и ПРВИ МАЈ се пример за манифестација која трае со децении и одржување низ генерации на првомајските трки, со истиот дух и жар како некогаш, а селото функционира како да има едно срце и душа и заедно дишат за овој настан.
Браво за стојачани, браво за учесниците на овој убав спортски празничен настан!
СРЕЌЕН 1 МАЈ!