Сом капиталец со тежина од 48 килограми и должина од 207 сантиметри улови утрово риболовецот Зоки Кајтазов од Гевгелија.
Зоран е искусен рибар и ова е најголемиот улов за него во текот на 30 годишната риболовна кариера. За читателската публика ова е доказ дека и во водите на Вардар кај Гевгелија живеат капиталци, повеќе години, за да достигнат таква грамадност, еднаква на човечка величина.
– „Сом 48 кг. тежина 207 цм должина ….. Ова се пропорциите на мојот капитален улов на нашиот гевгелиски Вардар. После 30 години риболовни авантури, дружења и уживања на вода, стигна и шлагот на тортата. Овој улов му го посветувам на мојот татко Димитар Кајтазов кој ме воведе во светот на риболовот и ме научи на култура, достоинство, принципи и правила на однесување спрема луѓето и природата“ – изјави Кајтазов среќен на својот улов.
Да го уловиш големиот сом е една вештина, а да го извлечеш на суво е нова мака која треба да ја вложи рибарот за да ја совлада големата риба која дава животен отпор да не ја напушти својата средина, реката и воденото живеалиште.
Затоа риболовецот Кајтазов изрази благодарност до Јово Џаковиќ за несебичната помош во извлекувањето на овој капитален примерок на сом.
Зоран Кајтазов е риболовец со манири, несебично го дели своето знаење и ја открива тајната на својот најголем потфат во риболовството, откривајќи каква опрема употребил за да го улови овој сом-капиталец:
Трска: Daiwa Exceler 20-60g
Машинка: Cardinal 4000
Конец: Kormoran 0.16 svila
Мамец: Dam 30g blinker
Зоки е убеден е дека „Колегите риболовци знаат што значи со ваква опрема да победиш 48 кг. риба 🙂“.
Затоа порачува: – „Упорноста се исплати! Поздрав и Бистро!“ – напиша Зоки на социјалните мрежи.


Фото: З.Кајтазов