Ретки се музичките настапи на џез музичари од Гевгелија, но кога тоа го прават музичари гевгеличани настанот не останува не забележан од домашната публика.
Овој пат тоа му успеа на младиот гевгелиски музички уметник м-р Филип Динев кој синоќа настапи на сцената на Народниот театар- Гевгелија исполнувајќи го храмот на уметноста со звуците на современиот македонски џез.
Гевгеличанецот м-р Филип Динев, еден од најистакнатите млади џез-музичари и композитори од Македонија, ја имаше честа повторно да настапи пред својата родна публика со авторскиот проект „СК404“, во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Концертот ги обедини тројцата врвни инструменталисти врвни инструменталисти: м-р Кирил Кузманов на саксофон, Мартин Ѓаконовски- Шпато на контрабас и м-р Виктор Филиповски на тапани, кои заедно со Динев на гитара создадоа вечер исполнета со енергична импровизација, сложени ритмови и впечатливи мелодиски дијалози.

Публиката ја почувстува интензивната музичка комуникација меѓу изведувачите, со јасно препознатлив авторски потпис на Динев, кој во своите композиции ја спојува балканската чувствителност со современите европски џез-тенденции.
Филип Динев е гитарист, композитор и продуцент со богато меѓународно искуство. По завршувањето на студиите на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, своето образование го продолжил во Германија, на престижниот Hochschule für Musik und Theater Hamburg, во рамки на програмата „Dr. Langner Jazz Master“. Исто така, својата наобразба ја стекнал и на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта, Унгарија. Со своите проекти настапувал во повеќе европски центри на културата- Париз, Будимпешта, Берлин, Хамбург, Лајпциг и Дрезден, промовирајќи ја македонската музика со современ пристап и автентична звучност.

Динев е автор на двата албуми „Szvetlo“ (2020) и „Romann“ (2024), кои ја потврдуваат неговата посветеност кон креативното истражување и фузијата на различни музички традиции. Со својот препознатлив стил и оригинален авторски израз, тој се вбројува меѓу најинтересните имиња на новата генерација македонски џез-уметници.
Концертот „СК404“ во Гевгелија уште еднаш покажа дека гевгеличанците имаат со што да се гордеат- уметници како Филип Динев, кои со својот талент, посветеност и визија го пренесуваат духот на својот град на европската музичка сцена.
– „Ваквите културни настани не само што го збогатуваат културниот живот туку и ја потврдуваат улогата на Гевгелија како град што ги поддржува своите уметници и го слави нивниот успех“ изјавуваат од општина Гевгелија која е покровител на настанот преку Програмата „Гевгелија град на културата за 2025“.




















