Три години предметот за смртта на родилката Маја Кадиева од Дојран и нејзиното штотуку родено бебе чекал ред за да дојде на разгледување на Апелација Скопје пред судијата Ѓоко Ристов. Обвинети беа гинеколозите Венци Чалков (51) и Дончо Москов (60) од Струмица, за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“.
Кадиева почина на 22 октомври 2015 во Општата болница во Гевгелија. Обвинет беше и анестезиологот Томе Ванчев од Гевгелија, кој во периодот на десетгодишното судење почина. Во текот на истрагата почина и вториот анестезиолог Зоран Јовановски.
- „Три години делото да биде во нечија фиока, да чека да се работи е далеку од здрав разум. Пресуда донесена од Основен суд Велес на 19 март 2020, предметот во Апелација Скопје се работи на 23 мај 2023 година. Судот нема рок кога да го стави на разгледување, но имаат разумен рок за работа на предметот. А дали е ова разумно? Позитивно е што деновиве имало некој совесен судија во Врховен суд па пред рокот на истекот на застарувањето на ова дело 22 октомври, ја ставил на разгледување жалбата од обвинетите иако имало барање да се одложи, а со тоа и делото ќе застареше“, вели Димитриј Кадиев за СДК, сопруг на починатата Маја.
На 15 октомври годинава, една недела пред да застари случајот, Апелациониот суд ги прогласи за виновни гинеколозите Чалков и Москов и изречена им е затворска казна од шест месеци, која ќе се изврши ако во следните две години сторат ново кривично дело. Предметот сега е пред Врховен суд, по изјавена жалба од бранителите на обвинетите.
Автор: П. Печков
Извор: СДК




















