Денот 8 ноември во православниот календар е посветен на Свети Великомаченик Димитриј, или во народот познат како Митровден. Празникот се слави на целиот Балкански Полуостров. Традиционално, Митровден го означувал почетокот на студеното време (зимата).
На ден пред Митровден во селската црква Св.Димитриј во Смоквица вчера беше приготвен заеднички ручек за тамошните жители, гости и помошници во уредувањето на црковниот објект, камбанаријата, дворот…
Се набавија две јагниња, се заклокотија котлите со месо и ѓувеч, се спремија софрите и се сладеа заеднички гостите за добро, за здравје, за бериќет, за се’ да е напомош Св.Димитриј.


Црквата „Свети Димитриј“ во Смоквица е изградена во првата половина на XIX век, односно околу 1830 година, а била обновена во 1905 година од страна на градителската дружина на познатиот неимар, резбар и зограф Андон Китанов.
Била прогласена за културно наследство на Македонија со решение од 7 мај 2003 година од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
Црквата е во надлежност на Гевгелиското Архиерејско намесништво, негорска Парохија.

Инаку, празникот Митровден освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.
Среќна слава славеници, среќен именден именосци, среќен панаѓурски ден смоквичани!



















