Младиот 14 годишен Антонио Каракабаков од Стојаково, општина Богданци, на одржаното Државно првество во атлетика за пионери освои три подими и три медали, една победничка за Прво место и две Вицешампионски.
Атлетската берба на медали Антонио антонио ја оствари во три различни дисциплини:
– 🥇 ПРВО место за и нов ЛИЧЕН РЕКОРД во Скок во далечина прескокнувајки 5 метри и 49 сантиметри,
– 🥈 ВТОРО место во трката на 300 метри, и
– 🥈 ВТОРО место за екипната ШТАФЕТА 4 Х 100 метри.

Антонио изненади во новата дисциплина Скок во далечина, подобрувајќи го „прелетот“ за нови 39 сантиметри од првиот обид кој го имаше на атлетскиот митинг на 16 мај по повод Денот на Атлетиката, каде прескокна 5 м и 10 сантиметри. Но, атлетските умешности на Антонио се’ уште се истражуваат и поттикнуваат под будното око на тренерите од АК „Аеродром“ каде тој членува веќе две години и се проценува неговата атлетска издржливост, специјалност.
Второто место во Штафетната трка ја постига екипно со своите членови од АК „Аеродром“ во состав:
– Прва измена: Марко Мартиновски
– Втора измена: Иван Савески
– Трето измена: Никола Терзиоски
– Четврта измена: Антонио Каракабаков. Се знае, најбрзиот трча до финишот.

Тренер на Антонио е Мики Здравкоски.
Натпреварите се одржаа на арената „Тодор Проески“ во Скопје на 30 мај.
Да споменеме и дека Антонио е носител на повеќе медали од Државни и Балкански првенства.
Антонио е ученик при ООУ „Кирил и Методиј“ од Стојаково, и како осмоодделенец има динамитска вредност на полето на атлетиката, веќе гостувал со свое интервју за национални медиуми во Македонија каде го ословуваат со „иднината на македонската атлетика“.
Овој осмооделенец во февруари годинава ја доби годишната награда „ПЛАКЕТА за Младински спортски талент во подем“ што ја доделува Спортската редакција на GevgelijaNet, за остварувањата во 2025 година, а тоа се: – ДРЖАВЕН ПРВАК на 800 и 1.500 метри, (како поранешен член на АК „7 Ноември“ Гевгелија, сегашен член на АК „Аеродром“ од Скопје и надеж на македонската атлетика).
Годинава, Антонио од месец во месец докажува дека навистина е младински спортски талент во подем.
Му посакуваме уште рекорди и победи!



















