Од вечерва од 00 часот до утре на полноќ полициски службеници ќе извршуваат засилени контроли за санкционирање на возачи под дејство на алкохол и дрога, известуваат од Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Акцијата се спроведува во рамки на европската акција на ROADPOL во периодот од 15 до 21 јуни, но утре петок, 19 јуни ќе биде спроведена специјална акција – 24 часовен сообраќаен контролен маратон.
Министерството за внатрешни работи, преку полициските станици за безбедност на сообраќајот на патиштата ќе спроведува засилени сообраќајни контроли насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила под дејство на алкохол или наркотични средства и тоа ќе важи на територијата на целата држава.
Внимавајте утре кога ќе седнете зад воланот на своето патничко возило, мотоцикл, или друго моторно возило – на патиштата ќе има засилено присуство на полициски патроли и интензивни контроли за откривање на ваков вид прекршоци.

– „Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност. Затоа апелираме до сите учесници во сообраќајот да не седнуваат зад волан доколку консумирале алкохол или наркотични средства. Една неодговорна одлука може да има трајни последици, додека одговорното однесување спасува животи и придонесува за побезбедни патишта за сите“ – порачуваат од МВР.




















