Гевгелија денеска пулсира со зголемен коефициент на интелигенција со присуството на 132 шахисти од четири европски земји кои учествуваат на Вториот шаховски интернационален меморијал „Венци Попов 2023“.
На истиот беа пријавени за уество 145 шахисти, но пред шаховските табли днеска се појавија 13 помалку, но сепак за 52 уесника повеќе од првиот меморијал одржан минатата година.
Турнирот започна со едноминутно молчење за најголемиот шаховски Фиде мајстор што го имала Гевгелија и Македонија. Пред присутните се обратија Пепи Танчев, претседател на Шаховскиот клуб „7 Ноември“ Гевгелија, Катерија Попова сопруга на именосецот на меморијалот и Тони Кироски, главен судија на меморијалот.
Пред шаховските табли се соочуваат шахисти од 8 до 74 годишна возраст. Најстар учесник е Момчило Смолиќ од Штип (74) роден 1049 година, а најмлад е Јован Вукашиновиќ (8г) од Струмица роден 2015 година. Меѓу учесниците има и 9 припаднички на понежниот пол.
На турнирот нема категории мласи-стари, машки-женски, секој игра спрема противникот што ќе го добие од другата страна на таблата. Се игра систем на 9 кола по 10 минути + 5 секунди.
Меморијалот е интернационален. Учествуваат шахисти од Грција (8 шахисти од кои 2 шахистки), од Бугарија 5 шахисти и од Хрватска еден шахист.
Интернационалниот мајстор и интернационален шаховски судија Тони Кироски за Венци како човек и шахист за GevgelijaNet изјави:
“Венци беше страв и трепет за сите во неговата категорија. Трн во око. Каде ќе се појавеше на турнир сите ги победуваше. Шахистите од неговата категорија се ужаснуваа кога ќе го видеа дека е дел од турнирот каде тие се пријавиле да играт. Ми беше чест што го познавав и играв партии со него” – интернационалниот мајстор Тони Кироски
Меморијалот е награден. Организаторот, семејството Попови и ШК „7 Ноември“ обезбедија награден фонд од 105.000 денари од кои ќе се доделат 10 награди и стимулативно на најдобро пласираните локални млади шахисти и ветерани. Пехари ќе понесат првите тројца со најдбри пласмани.
Им посакуваме на сите учесници добра игра!