Вчерашниот пожар што избувна во атарот на село Селемли, општина Богданци ги ангажираше ПП сили од Гевгелија и Дојран кои успеаја да го стават под контрола, а потоа и ликвидираат вечерта до 20 часот.
На терен беа екипи на ТППЕ Гевгелија со 8 пожарникари и три ПП возила, Доброволното ПП друштво од Дојран со 3 пожарникари и едно ПП возило, ШС „Кожув“ Гевгелија со 7 вработени и теренски возила, лица од Дирекцијата за заштита и спасување и вработени во Центарот за управување со кризи.
– „До 18 часот огнот беше ставен под контрола. Нашата единица заедно со ДППД успеа да спречи пожарот да се упати кон с.Селемлија. Куќите, имотите, нивите и посевите на таможните жители беа под ризик, но ја пресековме таа линија на горење. Пожарот продолжи долж граничната линија и навлезе и на Грчка територија. Тамошните противпожарни сили исто така излегоа на терен и гаснеа од грчка страна“ – изјави за GevgelijaNet командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов.
Ова беше долг работен ден за единицата на ТППЕ, осум часови во борба со огнот, чадот и заканите да не се прошири пожарот и загрози нечиј живот или имот. На помош на тимот за гаснење беа и две летала „Ер-трактори“ на ДЗС активирани од ЦУК. Леталата полнеа вода од Дојранското езеро.
Од 18 до 20 часот вработени од ШС „Кожув“ го контролираа опожареното подрачје да не настанат нови самопотпалувања. Ноќта почвата се лади и огнот немаше сила. Утрово нов тим од 12 лица од ШС го контролираа теренот и интервенираа таму каде имало сомнежи за активација на огнот.
Денешната гледка од теренот е жална. Изгоре над 200 хектари шумски појас од квалитетна, но и ниска деградирана шума. Штетата на природата е огромна.
Теренот беше тежок за пожарникарскиот тим бидејќи беше опожарено подрачјето кое за време на војните имало бункери, оставена муниција, експлозивни средства. Во текот на вчерашниот ден беа слушнати и 20 експлозии од опожарената муниција за време на пожарот.
Денеска остана само пепел долж граничната линија со Грција во месноста Карабали.