Традицијата продолжува, вечерта пред Бадник, на 5 јануари во Гевгелија ќе се одржи 29-от „Коледарски хепенинг“. После две години мирување поради пандемијата, ова е обновена традиција од организаторот СДММ Гевгелија започната пред 31 година.
Локацијата е добро позната – ракометното игралиште во Гевгелија каде ќе биде запален коледарски оган да ги стопли душите на сите посетители на овој традиционален настан во Гевгелија.
– „Преку многу музика и забава да шириме позитивни мисли и многу љубов. Добредојдени се сите кои сакаат да уживаат во убавата песна, добрата забава со естрадни уметници од државата, врвни музичари кои ќе ја подигнат атмосферата и ќе направат сите срца да заиграат“ – се вели во поканата од организаторот ЛК на СДММ Гевгелија.
Коледарскиот хепенинг започнува во 18:00 часот со палењето на големиот коледарски оган и пригодна процесија на осветување на огновите од страна на свештеници од гевгелиското Архиерејско намесништво.
Во програмскиот дел настапуваат: „Распеани Гевгеличани“, КУД „Негорци“ од Негорци, Марјан Коцев, локални музички уметници, Наталија Данаилова, потоа естрадните уметници Адријана Ацевска, Ани Малинкова, Ленче и Горан Кукиќ, Ѓоко Ѓорчев и Кате од групата „Нели ти реков“, ансамбл „Агушеви“, DJ Боко и DJ Todoroff. Водител на програмските случувања е Дејан Малзарков кој од секоја најава ќе направи оригинален стенд ап настан од Гевгелија.
Крајот го краси делото, а тоа ќе биде голем огномет за да ги осветли сите желби и им го најде патот на остварувањето во Новата 2024.