Со богата забавна програма, бројни изведувачи, посетители и гости и годинава Коледарскиот Хепенинг во Гевгелија ја продолжи традицијата на граѓанска сплотеност и зближување во организациски ангажман на Локалниот клуб на младите социјалдемократи од Гевгелија.
Оваа коледарска традиција на палење коледарски огнови, постои од дамнина на овие простори, но во мали маалски собирања, а младите социјалдемократи ја обновија пред 31 година во нивна организациска смисла како настан за цела Гевгелија и гостите од околните места.
Најпрво се изведе свечена литургија за осветување на настанот од страна на свештеници од Гевгелиската парохија, кои го поддржаа духот на традицијата се’ во знак на заедништвото и доброто меѓу граѓаните.
Потоа беше запален големиот коледарски оган чија намена е да се осветли вечерта и така бидни да ја дочекаме Големата вест за Христовото раѓање. Честа да се потпали огнот ја имаа гостите од СДСМ, заменик претседателката Сања Лукаревска, и потпретседателите на СДСМ Стефан Бгоев и Петар Костадинов.
Во четиричасовната забавна програма настапија бројни локални изведувачи и гости од македонската естрада: Марјан Коцев, Наталија Данаилова, потоа естрадните уметници Адријана Ацевска, Ани Малинкова, Ленче и Горан Кукиќ, Ѓоко Ѓорчев и Кате од групата „Нели ти реков“, ансамбл „Агушеви“, DJ Боко и DJ Todoroff. Водител на програмските случувања беше Дејан Малзарков кој од секоја најава направи оригинален стенд ап настан од Гевгелија.
Честа да ја започнат програмата ја имаа „распеани Гевгеличани“ кои ја згрмеа гевгелиската гордост, неофицијалната химна на Гевгелија „Трба, трби гевгелиско“.
Посетителите имаа можност да понесат осветени бадникови гранчиња за да ја рашират радоста во својот дом, да се стоплат со топол чај, посна трпеза, јужно овошје и да уживаат во забавната програма.
Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска беше гостинка на традиционалниот Коледарски Хепенинг 2024 одржан синоќа во Гевгелија и испорача желби за гевгеличани и граѓаните на Македонија:
– „Посакувам многу здравје на гевгеличани и на сите во државата. Оваа година освен што посакувам здравје и среќа посакувам да надвладее емпатијата меѓу сите нас, бидејќи треба да бидеме малку поотворени кон сите убави моменти што ни’ ги дава животот. Очекувам оваа година да биде поуспешна за сите од секаков аспект. Среќни празници!“- порача Лукаревска.
Големиот празничен огномет со светлечки кугли на небото во сите бои беа предвесникот на Среќата, убавите мисли, убавите дела кои треба да го исполнат животот на секој наш граѓанин!
Настанот се одржа на традиционалната локација, Ракометното игралиште во Гевгелија.
Среќни празници!