Иако 12 кандидати претендираат за претседателската трка на претстојните избори во Македонија, само 9-мина доставиле листи за собирање потписи во Подрачната канцеларија на Државната изборна комисија во Гевгелија. Тоа се кандидаите: Максим Димитриевски, Билјана Ванковска Цветкова, Стевчо Јакимовски, Вeло Марковски, Зорица Цветковска (од Велес), Ѓорги Манасков и Мерсиха Смаиловиќ.
Во текот на вчерашниот ден недела 3 март во ДИК Гевгелија беше преполно, се собираа потписи за претседателскиот граѓански кандидат Стево Пендаровски и за Гордана Сиљановска Давкова. Иако на партиските конгреси тие беа поддржани од СДСМ (Пендаровски) и ВМРО-ДПМНЕ (Сиљановска), сепак имаше граѓански предлог за нивна поддршка за кандидирање од 10.000 граѓани со право на глас.
Подрачната канцеларија во Гевгелија вчера беше полна, се чекаше ред за потпис.
Пендаровски уште во текот на денот се заблагодари за огромната поддршка која ја добил од граѓаните со информација дека за час-два биле собрани сите потребни 10.000 потписи.
До сега потписи за граѓанска поддршка добија седум кандидати за претседател на престојните избори напролет. Тоа се Стево Пендаровски, Гордана Сиљановска Давкова. Стевчо Јакимовски, Билјана Ванковска, Максим Димитриевски.
Бујар Османи од ДУИ беше првиот кандидат кој успеа да ги собере потписите и Арбен Таравари кандидат на коалицијата „Вреди“ кои успеаја да ја исполнат законската квота потписи. Овие двајца кандидати не доставија листи за потписи со барање поддршка од граѓаните на Гевгелија, Дојран, Богданци.
На повеќе од половина од собирањето потписи за претседателски кандидат веќе седум кандидати ги имаат обезбедено потребните 10.000 потписи и веројатно ова ќе биде и конечната бројка на учесници на претседателските избори.
Рокот за собирање на потписи започна од 23 февруари, а истекува на осми март, а според официјалните податоци на Државната изборна комисија уште пет лица кои ја најавија својата кандидатура сè уште се во потрага по потписи на граѓаните. Станува збор за Вело Марковски, Мерсиха Смаиловиќ, Господин Поповски, Зорица Цветкоска и Ѓорги Манасков. За истите се’ уште граѓаните можат да дадат поддршка во канцелариите на ДИК низ Македонија.
Во ДИК Гевгелија остануваат за поддршка листите за претседателски кандидат на Вело Марковски, Мерсиха Смаиловиќ, Зорица Цветкоска и Ѓорги Манасков.
Атанас Урумов од канцеларијата на ДИК во Гевгелија вели дека поддршката може да ја даде секој заинтересиран граѓанин за својот претседателски кандидат секој ден од 08 до 20:00 часот и сабота и недела, се до 8 март кога истекува рокот за собирање потписи до 24:00 часот.
Воедно, во канцеларијата на ДИК во Гевгелија од 28 февруари е отворена можноста за увид во Избирачкиот список кој ќе трае се’ до 18 март. Секој граѓанин со право на глас може да направи увид во просториите на ДИК Гевгелија секој работен ден од 08 до 20:00 часот, а на денот на истекот на рокот 18 март до 24:00 часот.
ДИК Гевгелија е надлежна за општините Гевгелија, Богданци и Дојран и овде граѓаните од трите општини може да дадат поддршка за својот претседателски кандидат и да го проверат своето гласачко право со увид во Избирачкиот список.