Денес 12.01.2023 година се одбележаа петнаесет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот Винг. Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА се урна на 12 јануари 2008 година кај Катлановско Блаце.
Во несреќата немаше преживеани припадници на воздугопловниот ВИНГ.
Загинаа потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски од Гевгелија.
Загинувајќи после неколкумесечна мисија во БиХ на неколку километри од дома, неговите другари го нарекоа гевгелискиот Хектор.
Нашиот гевгеличанец Игор беше постхумно одликуваниот за воен воздухопловен ветаран. Капетан Ѓорески, прогласен за паднат борец, а во 2009-та година постхумно стана добитник на највисоката општинска награда „7-ми Ноември“ за животно дело.
Денеска во знак на спомен и почит кон загинатиот гевгелиски капетан беше положено свежо цвеќе на неговото спомен обележје кое е лоцирано во паркот пред Народниот театар во Гевгелија. Цвеќе положија членови на семејството, неговите другари, претставници на Општинското здружение на Сојузот на борците од НОБ и нивните поддржувачи.
Општината која му ја додели највисоката општинска награда не присуствуваше на овој настан. Како се забораваат хероите?
Одбележување на годишнината од трагичната несреќа имаше и на спомен обележјето кај Катлановско Блаце каде присуствуваа државни делегации од АРМ, пратеници, претставници од МО и општински претставници. Беше положено свежо цвеќе на спомен обележјето кое е во вид на прекршени краци од пропелер со што се симболизира трагичниот исход од хеликоптерската несреќа.