Српскиот пејач Никола Роквиќ веќе 17 дена патува пеш до Грција. Крајната дестинација на пејачот е манастирот „Нектариј Егински“, каде пејачот ќе се поклони и ќе го заврши подвигот кој го почна за хуманитарни цели. Има намера да собере донации за Онколошкото одделение во Белград, Србија.
За таа своја мисија се одлучил да патува пеш од Белград до Атина и да пропешачи, речиси испоснички над 1.000 километри пат.
Денеска попладнево пристигна во Дојран.
На патот кон Нов Дојран на раскрсницата кај Николиќ го пречекаа двегодишните близначки Виолета и Марија од Гевгелија.
Родителите на близначките, љубители на песните на Никола, го пречекаа со неговата музика, му посакаа добредојде во југот на Македонија и среќен пат до крајната хуманитарна дестинација. Имаше поздрави, прегратки и фото за спомен.
Никола ја премина границата на Македонија со Грција на ГП Дојран-Дојрани, избегнувајќи ја гужвата од патници, автомобили и публицитет. Многумина гевгеличани го очекуваа на ГП „Богородица“ да го поздрават и бодрат хуманитарецот, но ете желбата не им се оствари.
Никола претходно се огласи на социјалните мрежи за да покаже дека се наоѓа кај Валандово, но и да открие колку пари досега се уплатени на фондацијата.
– „Драги луѓе, еве го 17-тиот ден од ова патување. Јас сум на светото место каде што десеттата ирска дивизија во Првата светска војна го даде својот живот за одбрана на Србите и одбрана на Србија. Бидејќи ништо не е случајно во животот , токму утре од храмот Свети Сава, правнукот на познатиот Томаш кој го даде животот за слободата на Србија, оди со пријателите во Хиландар и собира средства за малиот Огњен и неговото лекување во Америка голема чест и гордост да застанам на ова место и да бидам во контакт со нашиот брат Марко“, рече Никола и додаде.
– „Да ве информирам дека денеска собравме 17 милиони динари. Ви благодариме драги луѓе, Господ да ве благослови, да продолжиме понатаму“.