Најпопуларната Шведска група АББА и покрај продажбата на милиони копии во текот на четирите децении од својата богата кариера, огромниот хит „Chiquitita“ од 1979 година, не ѝ носи пари на познатата група, планетарно славна после Евровозиската победа со песната „Ватерло“.
– „Ги дадовме авторските права на УНИЦЕФ“, изјави за „Би-Би-си“ членот на АББА, Бјорн Улвеус.
„Со текот на годините дојдоа многу пари затоа што „Chiquitita“ беше свирена и стримувана многу, и беа продадени многу плочи. Па јас сум многу среќен поради тоа“, додаде тој.
Напишана за Годината на детето на УНИЦЕФ, песната „Chiquitita“ (во превод значи Мало девојче) беше првата песна на АББА снимена на шпански и постигна голем успех низ Латинска Америка.
„Мислам дека најитно нешто што може да се направи на оваа планета е да се зајакнат младите жени и девојки. Затоа рано му кажавме на УНИЦЕФ дека таму сакаме да одат нашите пари“, нагласи Улвеус.
Основците посетуваат работилници за здравје и самопочит во Здружението на пријатели на развојот и мирот (АДП). Тоа е една од најстарите невладини организации во Гватемала, кои се платени со средства од песната на АББА.
За 43 години од објавувањето, авторските права од хитот Чикитита се користат за решавање на некои од најсложените проблеми во Централна Америка – од екстремна сиромаштија и генерациска култура на мачизам, семејно насилство и силување до злоупотреба на алкохол во маргинализираните, домородни заедници.