По деветдневно отсуство синоќа четиричлената екипа на ТППЕ Гевгелија која беше на помош во разрушените од земјотресот региони на Турција се врати во Гевгелија.
Хуманитарните херои од Гевгелија Димитар Ѓоргиев, Дејан Иванов, Кирил Калинов и Горан Митков седум дена беа во градот Адијаман каде работеа низ рушевините, расчистувајќи ги тешките бетонски отпади за да најдат и спасат нечиј живот. Но, тешките земјотресни рушења, заглавените жители на Адијаман, ладните минусни температури не придонесоа да се најдат многу преживеани. Градот личеше на раздробена гробница, бидејќи од акциите за расчистување на рушевините беа вадени настрадани жртви од земјотресот, а не и преживеани. Сепак, гевгелискиот тим на пожарникари учествуваа во нормализирање на условите за живот на населението погодено од земјотресот од 6 февруари во раните утрински часови, со 7,8 степени според Европската маккросеизмичка скала.
Овде беа распоредени и спасувачките хуманитарни сили на Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, од АРМ и четирите противпожарни единици од Македонија: Гевгелија, Тетово, Велес и Струмица.
Екипата на Тетово и Гевгелија вчера се вратија во Македонија.
Денеска четиричлената екипа од ТППЕ Гевгелија заедно со нивниот командир оствари прием кај градоначалникот на општина Гевгелија. Беа изнесени впечатоците од мисијата. Од искажаното се наметна заклучокот од потребата за едукација и обучување на спасувачки тимови во Гевгелија за справување со елементарни непогоди.
Оценка е дека брзата и правилна пружена спасувачка акција е пресудна за извлекување на поголем број преживеани. Во Турција, тој одзив на спасувачки тимови доцнеше на терен, а ладното време и неедуцираните спасители велат дека придонело некои од спасените и да починат после спасувањето од рушевините.
Тимот на ТППЕ Гевгелија беше прв на терен со доброволните сили од Македонија.