Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски вечерва е екстрадиран во земјава, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму соопштија и дека тој веднаш по пристигнувањето на скопскиот аеродром е пренесен во казнено-поправната установа – затвор Шутка.
– „Ја информираме јавноста дека денеска полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана потерница за истрага за кривични дела грабнување и убиство по наредба издадена од Основното јавно обвинителство Скопје“, се вели во соопштението од МВР.
– „Целата постапка се спроведе во релативно краток период од неполни пет месеци“, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Инаку, Палевски како првоосомничен за убиството на Ѓорчевска и Жежовски по бегството од земјава беше лоциран и уапсен во Турција, по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Барањето за екстрадиција на Палевски, Министерството за правда го испрати до надлежните власти во Турција на 7 декември, а ресорниот министер тогаш изјави дека очекува брз и позитивен одговор, иако подоцна од Министерството рекоа дека постапката може да трае и неколку месеци.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Љупчо денеска е екстрадиран од Турција со специјален авион.
Со влегувањето во затворот почнува и неговиот 30-дневен притвор, што претходно му беше изречен.
Дел од посебните безбедносни протоколи што ќе важат за Палчо е сместување сам во посебна ќелија, без контакт со другите затвореници, 24-часовен надзор од редарска служба задолжена само за него, ограничено движење во посебен затворски двор, јадење сам и проверка на храната што му се дава.