„Во шарени бродови, детството се крие,
во морето на мечти секоја боја се смее и лие“.
Вака ја започна својата песничка ученичката Бојана Проданова која освои ПРВА награда на Меѓународниот литературен конкурс „Шарени бродови“ посветен на 90 години од раѓањето на македонскиот писател за деца Видое Подгорец.
Бојана е трето одделение од ООУ „Крсте Мисирков“ Гевгелија и на конкурсот учествувала под менторство на својата наставничка Наташа Смилкова во категоријата ученици од II и III одделение од основните училишта.
Наградата и’ беше доделена вчера на манифестацијата „Средба под јаворите – Видое Подгорец 2024“ која се одржа во с.Колешино, општина Ново село (некогаш во состав на општина Струмица), родното место на писателот, патописец, поет, раскажувач и романописец за деца, В.Подгорец.
Инаку, литературната средба беше замислена и организирана како литературен фестивал на убавите зборови, на библиотекарите, на учениците. Над 200 гости од Македонија и регионот, заедно со гостопримливите домаќини твореа во креативните работилници под мотото: „ШАРЕНИ БРОДОВИ со УБАВИ ЖЕЛБИ за ПОУБАВ СВЕТ“.
Манифестацијата имаше тридневна програма во која освен изборот на најдобар библиотекар, изборот на најдобрите литературни творби, имаше и ликовна работилници за деца, беше посетена и куќата на Видое Подгорец, потоа Колешинските водопади, каде што запловија шарените бродови полни со убави желби и пораки.
Настанот беше во организација на ЗГ „Средби под јаворите Видое Подгорец“, со поддршка на издавачката куќа „Просветно дело“ од Скопје, помогнат и од страна на Министерството за култура на РМ.
За писателот-патрон Видое Подгорец (Колешино, 8 јуни 1934 – Скопје, 14 април 1997):
Најпознати дела на Подгорец се: Ајдучка чешма (роман за деца, 1964), Белото Циганче (роман за деца и млади, трилогија, 1966), Аз, буки, веди… (повест, 1969), Карпошовата буна (роман, 1983.
Во 1966 година, за романот „Белото циганче“, Подгорец добил две награди: наградата „Младо поколение“ за најдобра детска книга во Југославија, како и втората награда на конкурсот за роман на „Детска радост“. Покрај тоа, Подгорец е добитник и на следниве награди:
- „ТВ Скопје“ за најдобра книга на годината
- „Курирчек“
- „Читателска значка“ (Љубљана)
- Награда „13 ноември“
- Награда „Климент Охридски“ (1984).
Така се започнува со пишување, со добри дела, со награди.
“Без јазик си никој и ништо”– има изјавено Видое Подгорец.
Еве и нашата Бојана со Првата награда докажува дека е љубеник на пишаниот збор, го негува македонскиот јазик и твори, достојно претставувајќи ги своите дела и своето училиште. Ова е второосвоена награда за литература за Бојана од наградата која ја освои на Државен натпревар, минатиот месец, посветен на Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.
Бојана Проданова од Гевгелија добитник на трета награда за литературен конкурс
Честитки за младата поетеса Бојана!
Да пишуваш уште и да не’ радуваш со награди!