Топлото време кое ја зафати целата држава, во Гегелија донесе екстремно високи температури од 40 до 43 степени, кои на свој начин влијаеа на здравствената состојба на голем дел од граѓаните.
Во Службата за Итна медицинска помош во Гевгелија топлото време ги вжешти и телефонските линии кон ИПМ. Дневно се примат барања за 60 до 80 интервенции, како во амбулантата во Гевгелија, така и за теренски интервенции за укажување медицинска помош на граѓаните со лекарски третман.
Најчести проблеми на кои се жалат граѓаните овие денови е покачениот крвен притисок и тегоби со стомачни вируси. Најзастапени при повикот за интервенции е возрасната група од 50 до 70 години старост кои претежно се жалат на тешкотии со висок крвен притисок. Стомачниот вирус е тегоба на која се жалат и помалите, и средната генерација на граѓани, но и постарите. Симптомите кај сите се исти, траат од 3 до 4 денови и поминува, вели д-р Снежана Ѓурова од ИМП при Општа болница Гевгелија со проширена надлежност.
- „Освен амбулантските пациенти кои доаѓаат за медицинска помош во ИМП и теренските посети кои се одвиваат во регионот на нашата надлежност, регионот на Гевгелија, Богданци и Дојран со населените места, овие денови има и зголемен број на повици кон ИМП од граѓани кои бараат совети од нас лекарите. Најчесто се јавуваат во случаи на дехидрираност, или кога установиле низок крвен притисок кај себе, или член од семејството, или за состојба на намалено ниво на шеќер во крвта. Во таков случај ги советуваме нашите граѓани, пред да станат амбулантски пациенти да си самопомогнат. При дехидрација и низок притисок советот е да пијат повеќе вода, да конзумират солена храна, пиење на течности во секаков облик“ – изјави за GevgelijaNet д-р Снежана Ѓурова.
Ова наведува на заклучок дека гевгеличани и граѓаните од југот имаат познавања за живот при екстремни горештини и дисциплинираност за почитување на здравствените препораки, па наместо да чекаат болнички третман од последици од изложеност на сонце, тие бараат совети од лекарите при ИМП за како правилно да си помогнат при здравствените тегоби од жешкото време.
И, денеска ќе биде топло, со екстремни 43 степени Целзиусови на југот од државата. Чувајте го здравјето, пијте повеќе течности, разладувајте се со туширање, носете светла и лесна облека, не се изложувајте на директно сонце од 11 до 17 часот, а ако морате на кратко да завршите некоја работа во тоа време носете капа, шапка, наочари за сонце.
Хроничните болни нека ја зимаат на време својата пропишана терапија.