Во чест и сеќавање на прерано починатиот младински шаховски првак на Македонија од Гевгелија Венци Попов (1962-2013) и годинава по 4-ти пат се организира Интернационален Шаховски Меморијал во организација на семејството Попови, а во соработка со Шаховскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија.
На Меморијалниот шаховски турнир годинава ќе учествуваат 142 натпреварувачи од шест Европски земји: Србија, Грција, Бугарија, Германија, Косово и Македонија. Од Гевгелија учество ќе земат 20-на шахисти, членови на ШК „7 Ноември“ од Гевгелија, а македонските шаховски бои ќе ги бранат и членовите на машката и женската шаховска репрезентација на Македонија.
И годинава настанот ќе ја собере шаховската мајсторска елита што го прави Меморијалот „Венци Попов“ етаблиран спортски настан на шаховската карта на Европа.

Венци Попов е најмладиот шаховски првак на Гевгелија, трократен шаховски првак на Македонија, член на Југословенската шаховска репрезентација која го дала Гевгелија и со своите шаховски подеми и освоена титула Фиде мајстор ја задолжи Гевгелија да го споменува во шаховски меморијал кој по 4-ти пат ќе се одржи во недела, 28 септември.
За своите достигнувања во шахот Венци беше награден со Сребрена Плакета „7 Ноемви“ што ја доделува Општина Гевгелија за високи достигнувања во шахот и промоција на Гевгелија со своите шаховски настапи и победи.
ВЕНЦИ ПОПОВ важи за најдобар Фиде мајстор во Македонија. За него сегашните македонски шаховски стручњаци имаат само пофални зборови и го опишуваат со суперлативи.
Тони Кироски, интернационален шаховски мајстор и интернационален шаховски судија задолжен за регулација на спортските правила на наградниот шаховски меморијал “Венци Попов 2023”, за GevgelijaNet изјави:
– “Венци беше страв и трепет за сите во неговата категорија. Трн во око. Каде ќе се појавеше на турнир сите ги победуваше. Шахистите од неговата категорија се ужаснуваа кога ќе го видеа дека е дел од турнирот каде тие се пријавиле да играт. Ми беше чест што го познавав и играв партии со него” – вели интернационалниот мајстор Тони Кироски.

Венци Попов – Фиде мајсторот од Гевгелија, инспирација за шаховски меморијал




















