Старите мајстори со вредни раце, вештини и спретност за работа да создадат секира, да направат тркало, да исплетат јаже, да направат тепсија за готвење, ќумбе за греење .. имале златни раце со кои се подобрувал животот и домашните работи, неопходни за опстојување и напредок на човештвото.
Некои своите вештини мајсторите ги пренесувале на чираците и калфите, денеска тоа се мајстори кои со талент, самоукост, курс или стручно образование започнуваат дејност на услуги со изведување на работи кои спаѓаат во занаетчиската дејност. Тука спаѓаат берберите, водоводџиите, фризерките, лимарите, молерите, фасадерите … а во поново време козметичарките, електричарите и други.
GevgelijaNET: Каква е состојбата со занаетчиската дејност во новите економско-стопански констелации разговараме со Тоше Стојанов, Претседател на Регионалната занаетчиска Комора на Гевгелија. Г-дине Стојанов, Што претставува Занаетчиската Комора и кои се нејзините цели на делување?
Тоше Стојанов: Во Регионалната занаетчиска комора на Гевгелија партиципираат самостојни вршители на занаетчиска дејност од општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Истата е регистрирана како непрофитабилна, независна и самостојна организација со својство на правно лице, а е составен дел од Занаетчиската Комора на Република Северна Македонија, чија цел е унапредување на занаетчијството и негова афирмација со оглед на тоа што од почетокот на појавата на првите занаетчии па се’ до денес тие се составен и значаен дел на нашата економија.
GevgelijaNET: Се живее ли денес од занаетчиство? Се остваруват ли доволно приходи за опстојување на овој сектор од стопанството, односно за одржување витален живот на семејството на еден занаетчија?
Тоше Стојанов: Да. Од занаетиството и денеска може да се живее, да се одржуваат и задоволуваат потребите на едно семејство, на семејството на мајсторот.
Во нашата Комора до сега регистрирани се 297 занаетчии кои обавуваат своја дејност. Со поволните програми за самовработување преку Агенцијата за вработување на РСМ, имаше повик за апликации до 25.06.2025 година за отпочнување на сопствена дејност и поволни износи за користење грант од 10.000 до 2 Х 7.000 евра за лица до 29 години и за лица над 29 години, со двајца основачи на ДОО. Се надеваме дека АВРСМ ќе одобри некој од апликациите од Гевгелија и регионот што го покрива нашата Комора, па очекуваме бројот на регистрирани занаетчии да се зголеми.
GevgelijaNET: Кои се сега занаетите во Гевгелија? Некогаш беа актуелни ковачите, лимарите, ортомарите, самарџиите, калајџиите, шивачите… Што е сега потребата на новото време од занаетчиска услуга?
Тоше Стојанов: Новото модерно време носи нови потреби во секојдневниот живот, така што во актуелново време присутна е потребата од мајстори за монтажа на парно, мајстори за поставување на клими, сончеви колектори, молерофарбари, автолимари, автомеханичари, автолакери, мајстори за изработка на мебел, слаткари… Тоа се новите потреби во денешното автоматизирано и модерно време. Но, остануваат актуелни и понатаму берберите, фризерките, а во тренд се козметичарките, маникир услугите.

GevgelijaNET: Голем дел од старите занаети изумираат: калаисувањето, јорганџиите, шивачите… Сите тие подклекнаа на забот на индустријализацијата и нудење на производи и услуги во трговските објекти, со голем избор и пристапни цени, заради големата производна количина. Останаа ли со затворени дуќани таквите занаети, или дел од мајсторите опстојуваат на пазарот на трудот, не евидентирани како занаетчии и членови на Комората?
Тоше Стојанов: Регионалната занаетчиска Комора ги претставува регистрираните занаетчии во Гевгелија и регионот, но истите ни’ јавуваат дека се соочуваат со нелојална конкуренција, во смисла на постоење на нерегистрирани бизниси, т.е. од типот на нерегистрирани занаетчии кои не истапуваат на пазарот како регистрирани занаетчии со фирма (ДОО, ДООЕЛ, ТП) кои вршат дејност која што со Закон е утврдена и запишана како занаетчиска дејност. Значи постојат нелегални вршители на занаетчиска дејност кои не се евидентирани во Регистарот на занаетчии и Регистарот на вршители на занаетчиска дејност.
GevgelijaNET: На кој начин тие ви наштетуваат со таквиот нерегистриран статус?
Тоше Стојанов: Најпрво, нив не ги препознава Законот како вршители на дејност, не подлежат на даноци, на персонален данок, не плаќаат занаетчиска такса и НЕ може да бидат репрезенти на занаетчиската дејност во Гевгелија и регионот. Ние важиме за Комора која обезбедува квалификувани занаетчии, битни за економијата и придонес во развојот на истата.

GevgelijaNET: Како се станува Ваш член на Комората?
Тоше Стојанов: Со зачленување во регионалната занаетчиска Комора, со редовно плаќање на годишна членарина која изнесува 1.800 на годишно ниво, односно 150 денари месечно. Истата не е променета од основањето на Комората и е во согласност со Статутот на РЗК Гевгелија и Законот за усогласување, објавен во Сл.Весник бр. 215 од 2015 година. Членарината претставува Коморски придонес и истиот е задолжителен за сите занаетчии кои доброволно се регистрираат да вржат занаетчиска дејност.
GevgelijaNET: Кои погодности ги учива регистриран занаетчија со членувањето во Вашата регионална занаетчиска Комора?
Тоше Стојанов: Ние како Регионална занаетчиска Комора им обезбедува на занаетчиите лесен пристап и едукација за остварување на своите права за регистрација, обука, аплицирање за неповратни средства, учество и застапување на правата на занаетчиите од РЗК Гевгелија на седници на Комората на РС Македонија и во други насоки кои се од витално значење за нивното опстојување. Како мотивација, веќе трета година по ред организираме наградна игра за сите занаетчии кои ќе го имаат платено коморскиот придонес за тековната година. И во иднина размислуваме за повеќе мотивација, повеќе награди, но и за други прилози – од занаетчии, за занаетчии.

GevgelijaNET: Вие сте веќе девет месеци на чело на Регионалната занаетчиска Комора во Гевгелија, речиси го поминавте „приправничкиот“ стаж како претседател. И самиот сте занаетчија со 35 годишно искуство. Би им препорачале ли на младите да се охрабрат: Да не мајсторуваат по странство, туку да се охрабрат да отворат свој бизнис дома и да бидат свои газди на занаетот?
Тоше Стојанов: Да секако. Од занаетчиството започнал напредокот во локалното стопанство, тие се двигатели на економијата. И поранешните занаетчии и денешните остварувале и остваруваат солидни примања за да се задоволат потребите за живот на своето семејство. Занаетчиите важат за добри домаќини и им препорачувам на младите да бидат домаќини и газди на својот занает, на својот бизнис. Да отворат занаетчиска дејност, што ќе ја остваруваат со услуги и изработки на клиенти кои се тукашни луѓе од градот и општината, кои ќе им возвратат со задоволство и благодарност. Така ќе порасне и нивниот бизнис и нашата Општина.
GevgelijaNET: Убава порака за иднината. Ви благодариме за разговорот.

Автор: Јованка Дојранлиева




















