Осумнаесетгодишната Мелани Тасева од Скопје, една од најтешко повредените жртви во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, по повеќе од 6 месеци болничко лекување, конечно се врати дома.
Несреќата што се случи на 16 март остави длабоки последици врз младата девојка – животозагрозувачка состојба, бројни изгореници и интоксикација со гасови. Поради сериозноста на повредите, Мелани првично била хоспитализирана во приватната болница „Жан Митрев Клиник“, а потоа префрлена во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. По третманот таму, се вратила во „Жан Митрев Клиник“, но поради влошување на состојба, во крајно тешка општа состојба на 5 мај била префрлена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за понатамошен третман. Во тешка здравстевна состојба, поминала цели 139 дена, борејќи се и таа и целиот тим во болницата за закрепнување – ден по ден, чекор по чекор.
На 19 септември, по половина година низ болнички ходници, интензивна нега и несебична поддршка од лекарите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и семејството – Мелани се врати дома.

НАМЕСТО СЛИКИ ОД КОНЦЕРТОТ, ДОБИЛЕ ИНФОРМАЦИЈА ЗА НЕСРЕЌАТА
А за родителите – нема поголема радост, ниту посилна емоција, од мигот кога нивното дете, по тешката битка, ќе се врати дома во нивна прегратка. Според семејството на Мелани, третманот и стручноста на тимот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ бил клучен за излекување на нивното дете.
– 16 март беше денот кога времето застана за многу семејства. Трагедија која никој не може да ја предвиди, ниту да ја прифати. Токму тој викенд Мелани од Скопје замина во Кочани, пресреќна што ќе оди на концертот на својот омилен бенд ДНК. Така започна нашиот кошмар. Неколку часа подоцна, наместо фотографии и среќни пораки, добивме повик што никој родител не сака да го слушне. Ни кажаа дека се случила несреќа, дека има повредени, дека има загинати. Срцето ни застана, не знаевме дали нашето дете е добро, дали ќе се врати дома. Кога конечно ја видовме, и покрај болката и шокот – имавме едно чувство – благодарност што е жива. Нејзините очи беа полни со страв и со неизвесност – рече Александар, татко на Мелани.
Родителите се пресреќни што Мелани по шест месеци болничко лекување е дома. Поминале низ многу тежок период, но конечно насмевката се вратила на нивните лица.
– „Мелани е дома и се опоравува по тешкиот период кој го поминавме. Многу непроспиени ноќи, солзи, стравови и надежи. Нема зборови со кои можеме да ја изразиме нашата благодарност до Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и целиот тим кој се грижеше за здравјето на нашето дете. Мелани претходно беше хоспитализирана во две клиники, а патот до нејзиното излекување беше трнлив и тежок. Но принципот на работа, темелноста и стручноста на докторите, се разликуваше од клиника до клиника. Упорноста и пожртвуваноста на тимот, темелноста и мултидисциплинарниот пристап доведе до нејзино излекување“ – додаде таткото Александар.

НАДЕЖ ТАМУ КАДЕ ШТО НА ПОЧЕТОКОТ ИМАЛО САМО СТРАВ
Кобниот 16 март остави длабоки рани за сите, и за настраданите и докторите, кои деноноќно се бореа за секој пациент. За еден лекар, најголема награда не се дипломите, туку спасениот живот. Моментот кога по долги денови неизвесност, труд и посветеност, пациентот излегува од болница.
– Овој успех има длабока и повеќеслојна вредност. По цели 139 дена неизвесна борба, кога пациентката ја напушти болницата во стабилна состојба и замина на домашно лекување, за нас тоа е повеќе од медицински резултат – тоа е спасен млад живот, потврда на посветеноста, трудот и знаењето на целиот тим. За лекарите, средниот медицински персонал и помошниот тим, тоа е награда која не може да се мери со ништо друго. Секоја помината ноќ во интензивна нега, секоја интервенција и секој момент на неизвесност добија смисла кога ја испративме дома стабилна и насмеана. Тоа е најголемата награда што може да ја добие еден лекар и цел тим – да видиме надеж таму каде што на почетокот имаше само страв. Овој успех нѐ потсетува дека медицината е, пред сè, хуманост, љубов и грижа кон човекот, и дека само заеднички, како тим, можеме да ги надминеме и најтешките предизвици. Тој ни дава сила и мотивација да продолжиме да се бориме за секој пациент, без разлика колку е тежок предизвикот – вели д-р Јордановска од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Рехабилитацијата продолжува и во домашни услови, а семејството Тасеви е во постојана комуникација со докторите од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои ѝ даваат насоки и совети на Мелани, за побрза рехабилитација.
Извор: Плус Инфо




















