На 8 октомври во Куманово се одржа Државно првенство во пливање за основни и средни училишта, кое ќе се памети како голем чекор напред за спортот кај младите.
Гевгелиската летна школа за пливање „Научи да пливаш – за правилен раст и развој“ на овој национален натпревар имаше свој учесник кој оствари извонреден резултат.
Костадин Зајринов во конкуренција на 82 натпреварувачи од цела држава, со резултат од 34 секунди го освои високото 11-то место, покажувајќи дека пливачкиот спорт може брзо да се совлада, а со повеќе труд и да се постигнат резултати.
Наставниците на летната школа за пливање искажуваат гордост што спортските проекти почнуваат да ги даваат првите резултати!

На првенството учествуваа 245 ученици пливачи од 62 училишта од целата држава, што го прави ова најмасовното државно првенство организирано досега од Федерацијата на училишен спорт!
Вкупно 120 медали блеснаа, златни, сребрени и бронзени, а најголемите ѕвезди беа токму учениците — со својата енергија, натпреварувачки дух и љубов кон спортот.
Ова е само почеток на една убава спортска приказна која ќе продолжи да расте, и за младиот пливач Костадин, и за сите спортски настроени мали нови рекордери!





















