И годинава по 18-ти пат се трча меморијален Ултра маратон од речиси 900 километри од Нова Градишка, Хрватска до Крушево, родното место на Тоше Тодор Проески.
На оваа спортска, ама и света, и емотивна мисија заедно со тим од 9 македонски маратонци трчаат и гевгелиските атлетчари Влатко Семенаков и Даниел Анчев.
Денес попладне во 17 часот од местото каде ТОШЕ ја испушти својата душа, на автопатот кај Нова Градишка започна ултра маратонот до Македонија и неговото родно Крушево. На крилјата на вољата на овие посветени спортисти, со мислата за неговата предвреме напуштниот земен живот, овие македонски и гевгелиски атлетичари со трчањето симболично ќе го вратат Тоше дома, каде со срце и душа припаѓа, иако беше миленик на Балканот, а требаше да го освои и светот со својата песна и глас.

Вчера, нашите македонски атлетичари заминаа за Хрватска за од овде да го започнат маратонот за ТОШЕ. Во пресрет на традиционалниот Ултрамаратон амбасадорот на Македонија во Република Хрватска Драган Ѓурчевски, ги пречека учесниците во маратонот во македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, заедно со отец Кирко Велински.
Денес, маратонците тргнаа од Загреб кон Нова Градишка, а оттука со трчање продолжуваат кон Крушево – домот и вечното почивалиште на Тоше, пренесувајќи ја неговата порака за љубов, добрина и човечност.

– „Тоше беше и остана мост меѓу нас. Денес, преку вас, тој мост повторно оживува. Ви посакувам сила, верба и мир на патот пред вас – и нека неговиот дух ве води до целта,“ – истакна амбасадорот Ѓурчевски.
Нека патот кон Крушево биде пат на светлина и вечна инспирација.
– „Бевме во единствената македонска православна црква „Света Злата Магленска“ во Загреб, го примивме благословот од отец Кирко Велински и денес тргнавме со трчање, со господ напред и убави мисли, утре приквечер треба да пристигнаме во Македонија, мене ми е прво учество додека на професорот Влатко Семенаков му е трето. Животна желба од секогаш ми била да трчам на ултрамаратонот“ – изјави за GevgelijaNET Даниел Анчев.

ТОШЕ загина на 16 октомври, на истиот ден маратонците треба да пристигнат во Крушево. Тие ќе бидат пречекани во Крушево, традиционално, со црвени рози и на Гумење, на вечното почивалиште ќе му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги привлекува во Крушево фановите и почитувачите на неговото дело.
Тоше Проески загина во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска на 16 октомври 2007 година.





















