Еден од најпочитуваните гитаристи во овој регион, Влатко Стефановски, имаше чест да се сретне со кралот Чарлс III, на кого му го подари својот тековен албум „London Sessions“, издаден од „Croatia Records“. Ова го направи единствениот музичар од регионот кој имал лична средба со британскиот монарх.
Албумот „London Sessions“, издаден на ЦД и тројно ЛП издание од „Croatia Records“, беше снимен во легендарното „Abbey Road Studio 3“ во Лондон. На албумот се појавуваат Стефановски, заедно со неговиот син Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на електричен контрабас. Снимањето и продукцијата ги водеше Горан Мартинац, со помош од Ед Фарел и Лија Морис, додека Шон Меги, добитник на Греми за „Mono Box Set“ на Битлси, го направи последниот лакиран рез.
Музиката на Влатко Стефановски, снимена на легендарната „Abbey Road“, сега ќе одекнува и во кралските комори. Горди сме што нашиот уметник имаше можност да му ја претстави својата работа и музиката од нашиот регион на британскиот крал, се пофали продукцијата „Кроација рекордс“ со која соработува нашиот македонски гитарист Влатко Стефановски.
Ова не беше прва средба на Влатко Стефановски, со кралот Чарлс. Тој го запозна сегашниот крал Чарлс во 1998 година, кој тогаш сè уште беше принц Чарлс и беше во посета на Македонија. Во тоа време, Влатко му подарил едно од неговите ЦД-а, а сега, 27 години подоцна, му ги покажал нивните заеднички фотографии од таа 1998 година. Кралот се сетил на таа посета и духовито забележал дека и тој „некогаш бил млад“.

Во делегацијата имаше и други културни работници и уметници од Македонија и регионот кои имаа средба со британскиот крал во рамки на приемот организиран на маргините на Самитот за Западен Балкан.
Милчо Манчевски со средбата се „пофали“ самиот и објави слика на која се ракува со британскиот крал, под која напиша: Кралот и Јас! Раде Шербеџија не напиша ништо, затоа што и самиот доста често бил крал (кралот Лир) на театарските штици.
Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ Скопје, присуствуваше на свечениот кралски прием во палатата „Сент Џејмс“ во Лондон, во организација на Неговото Височество, Кралот Чарлс III како дел од официјалната македонска делегација составена од истакнати креативци и професионалци.
Приемот се одржа во рамки на Самитот за Западен Балкан, како дел од Берлинскиот процес.



















