На денешната конститутивна седница на Советот на општина Гевгелија мнозинството советници ја избраа Анета Стамкова за Претседател на Советот на општината. Анета беше дел од листата на ВМРО-ДПМНЕ која го има мнозинството во Советот.
Денеска, заедно со целиот избран состав од 19 советници, им беше верификуван мандатот во претстојниот четиригодишен период 2025-2029 година.

Aнета Стамкова е родена во 1983 година. По професија е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан I“ при УКИМ, со положен правосуден испит. Професионално е ангажирана во приватниот здравствен сектор, ПЗУ „Центар за дијализа „Диамед Македонија“ каде што го вложува своето знаење и искуство.
Нејзиниот политички ангажман започнува во 2006 година, кога активно се вклучува во работата на партијата. Во моментот активна е во Комисијата за здравство при Општинскиот комитет и како член на Општинскиот комитет.
Во својата визија таа се залага за практични решенија насочени кон подобрување на животот на граѓаните. Верува во семејните вредности како основа на здраво општество и во потребата од квалитетно образование достапно за сите.
По изборот на функцијата претседател на Советот на општината, Анета денеска раководеше со седницата за избор на членови и претставници на работните тела на Советот на општина Гевгелија, со што официјално започна со обавување на својата функција.



















