Летово беше во репрезентативен младински камп во У14, а неделава Душан Петров од Младинската школа на ФК „Кожуф“ Гевгелија доби нов повик за учество во репрезентативниот фудбалски тим на Македонија за У-14.
Во пријателскиот натпревар одигран во Крушевац со соодветната репрезентација на Србија каде што нашата репрезентација го доби натпреварот со 1-3, Душан не само што беше капитен на репрезентацијата, туку и постигна прекрасен гол, покажувајќи карактер, лидерство и исклучителна игра на теренот! 🔥⚽

Душан е неверојатно талентиран и ефикасен на теренот со голгетерски особини и прекрасни погодоци во голмрежата, што го прави забележителен пред задоволната публика, но и препознатлив талент за селекторот на младинската репрезентација на Македонија.
Душан е член на Младинската школа на ФК „Кожуф“ генерација 2012 и од мали години тренира со спортскиот работник и тренер Трајче Ников, дипломираниот професор по спорт и поранешен фудбалер на гевгелиски „Кожуф“, во соработка со други стручни соработници.
Со својот матичен тим на „Кожуф“ генерација 2012, годинава на „Фер Плеј Куп“ во Охрид каде имаше пријавено 54 екипи, Душан Петров беше прогласен за најдобар стрелец и заедно со подмладокот на „Кожуф“ го освоија победникиот пехар на купот.


Младиот фудбалер Душан со гевгелиски „Кожуф 2012“ до сега учествувал на Купот на Детската лига и три пати го освојувале победничкиот трофеј. Учествувале и на меѓународни турнири во Србија, Хрватска, во Грција и секогаш се изборувале за забележителен пласман во конкуренција на играчи од десетици светски земји и подмлаткари на реномирани странски клубови. Сега 13 годишниот Душан ќе продолжи да нижи успеси и голови за Македонската репрезентација за генерација U14.
Му посакуваме успешни настапи на зелениот терен во боите на Македонија на нашиот најмлад фудбалски репрезентативец од Гевгелија, Душан Петров! СРЕЌНО!



















