Празници се ближат, а празничната маѓија најпрво ќе започне на градскиот плоштад во Гевгелија со збогатување на празничните радости со организирање на осумдневен „Новогодишен Базар“ и пригодна забавна програма за дочек на Новата Година.
Активностите започнуваат со пристигнувањето на Дедо Мраз на 24 декември на плоштадот во Гевгелија, а ќе го придружуваат и децата од детскиот фестивал „Калинка“ со свои настапи и хорски изведби.
Хо, хо, хооооо… Ќе има многу бонбончиња!
Базарот започнува истиот ден со поставени штандови од понудувачи на локални изработки, домашни подготвени украси за Новата година, слатки, колачи, уметнички изработки, ракотворби, и се’ што знаат и умеат нашите сограѓани, а сакат да го споделат со Вас пред Новата Година.
Програмата продолжува и следните денови со отворените штандови од Новогодишниот Базар и нови гости и изведувачи. Тука се вклучени забавни атракции за младите: „Face painting“ за деца, настап на Танцовото студио „Мистик“, потоа DJ Razal Vetalj и DJ Licen кои со своите сетови ќе ја подигнат атмосферата на градскиот плоштад, настапуваат и играорците од Ансамблот „Бојмија“, потоа шоу на Кристијан Бенито.

Програмата завршува на 31 декември со празнична музика која ќе трае цел ден во рамките на Базарот. Новогодишната програма започнува во 20:30 часот, а ќе настапат Владо Јаневски со неговиот бенд, „Ситуација бенд“, „Либра бенд“, Дејан Малзарков и неговата „Диверзија“.
Посетителите ќе можат да разгледуваат штандови со рачни изработки, локални производи и слатки задоволства и новогодишно да се опуштат и празнуваа со сограѓаните до свечениот дочек на Новата 2026 година.
Вклучете се во празничните радости. Сите активности на плоштадот се за граѓаните, слободни за уживање, бесплатни за гледање!



















