Православните верници денес го одбележуваат празникот Свети маченик Трифун, кој во македонската народна традиција се поврзува со почетокот на пролетните активности и обновувањето на природата. Овој ден има силна симболика, особено за лозарите и земјоделците, кои го сметаат светителот за свој заштитник и покровител.
Во народната традиција, Свети Трифун се смета за заштитник на лозарите и лозјата. На неговиот празник, лозарите симболично закројуваат барем еден чокот и го полеваат со вино, со верување дека така лозјата ќе дадат побогат род. Според народните верувања, дождлив ден на Свети Трифун носи плодна година, а ведро време најавува суша.
Во народната свест, празникот се поврзува и со доаѓањето на пролетта, будењето на природата и љубовта. Свети Трифун се почитува како заштитник на брачната верност, на посевите и овоштарниците, а во некои краишта се празнува како заветен ден за заштита од град и поплави.

Празникот Свети Трифун некои го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) ‒ пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.
Во Гевгелија денеска најголемо празнично одбележување се одржува на плантажата „Авлак“ кај Мрзенци, во сопственост на винаријата „Риго“ која поседува 270 хектари лозови насади со повеќе сорти од грозје за обработка во вино.
Среќен празник лозари, градинари!
Среќен именден на сите со име Трифун и други изведени имиња од овој светец!



















