Кожув е третиот полуфиналист на кошаркарскиот Куп на Македонија, откако во драматичен меч во Куманово го совлада дебитантот Маџари со 84-80 во рамки на Ф8-завршницата „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Екипите на Кожув и Маџари го одиграа најнеизвесниот куп дуел од четвртфиналето од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“, а победа од 84:80 (27:16; 18:21; 19:31 и 20:12) славеше ланскиот финалист Кожув. Гевгеличани во полуфиналето утре ќе играат против бранителот на пехарот МЗТ Скопје Аеродром, кој со 100:69 славеше во четвртфиналето против Работнички.
Гевгеличнани подобро го „отворија“ дуелот и по десет минути водеа со 27:16, но тимот на Маџари во вториот период најави пресврт. Во третата четвртина дебитантот во Куп завршницата Маџари имаше водство од +8 (61:53), но искусната екипа на Кожув успеа да ја надополни негативата и во финишот имаше сигурно водство со 81:73.
Почетната петорка на Кожув заврши со двоцифрен број поени, а најистакнат беше Теодор Симиќ со 21 поен и 14 скокови.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Кожув ќе се игра утре (сабота) од 19.30 часот.




















