Во светот на технологијата и индустријализацијата успешно опстојуват занаетите кои со тек на времето се модернизираат со новите начини на изведба, алатите, изработката и стануваат неизбришлив дел од стопанската слика во едно општество. Ваква трансформација доживееја и актуелните занаетчиски дејности во Гевгелија, од електричари, водоводџии, авто-електро сервисери до еден од најстарите занаети фризерството. Претставници на занаетите во Гевгелија не се само мажите, туку залет во рачните изработки зимаат се’ повеќе жените. Разговараме со еден репрезент од жените занаетчии од Гевгелија.
GevgelijaNet: Се’ почесто во светот на бизнисот влегуваат и жените, а една од најстарите професии кои од секогаш имале свој интерес и многу клиенти е фризер за дами. Разговараме со Наталија Чочкова Кочева која на оваа професија и’ додаде и нова димензија. Од кога се занимавате со оваа дејност и што ве привлече во светот на женското разубавување?
Наталија Чочкова Кочева: Со фризерството се занимавам веќе 12 години, а љубовта кон оваа професија ја почувствував уште многу рано. Ме привлече можноста преку косата да ја истакнам женската убавина, самодовербата и индивидуалноста. За мене фризерството не е само занает, туку креативен процес и комуникација со жените, каде секоја трансформација носи нова приказна.
GevgelijaNet: Каде се едуциравте за овој занает? Се сеќавате ли кои клиентки Ви биле првите модели за разубавување на фризурата, дали домашните, дали другарките, или храбро ги чекавте првите муштеријќи во салонот?
Наталија Ч. Кочева: Едукацијата ја започнав во Академија во Скопје, а потоа продолжив со бројни обуки и семинари, особено во областа на бојадисување и нега на коса. Се разбира, првите „модели“ беа најблиските – домашните и другарките, но не помина ни година после Академијата откако си го отворив моето студио.

GevgelijaNet: Новите модни трендови се многу по различни од трендовите порано,што поточно работите и нудите во студиото. Имате ли некоја Ваша специјалност, дали е потребно знаење или само ‘добра рака’?
Наталија Ч. Кочева: Да, се согласувам. За разлика од порано фризерството е многу покомплексно. Секако дека знаењето е клучно. Не може да имаш добри резултати без знаење и стручност. Добрата рака е нешто што го добиваш со години искуство. Во моето студио нудиме многу услуги, шишање, третмани за нега, свечени фризури, шминка, а по потреба работиме и на терен доколку има заинтересираност за друг град. Би истакнала дека моја специјалност е колористиката и ми е најголем предизвик.

GevgelijaNet: Во светот на ескалација на трошоците за живот, дали чувствувате промена кај клиентелата во однос на барањата за убаво средена коса, или тоа е третман од кој жените не се откажуваат. Какво е Вашето искуство?
Наталија: И покрај зголемените трошоци за живот, моето искуство покажува дека жените не се откажуваат од негувана и убава коса. Можеби се менуваат приоритетите, но желбата за убавина и грижа за себе останува. Косата е дел од личниот идентитет и самодовербата кај една жена.

GevgelijaNet: Дали сте членка на Здружението на занаетчии од Гевгелија? Имавте ли почетни бенефити за охрабрување да стартувате со свој бизнис?
Наталија: Да, како што кажав, јас сум занаетчија веќе 12 години. Поддршката и насоките што ги добив на почетокот ми помогнаа полесно да ги разберам административните и деловните аспекти на сопствениот бизнис, што е многу важно за секој млад занаетчија.
GevgelijaNet: Гевгелија важи за град каде дел од угостителско-трговско-здравствената клиентела се посетители од соседна Грција. Но, се почесто се посетители и на салони за убавина, па и фризерски салони. Дали цените, или модерните трендови на кои не се чека долго да се појават и во Гевгелија ги привлекува да користат услуги и од сферата на фризерниците за дами?
Наталија: Можеби порано било тоа така, кога навистина имаше голема разлика во цените од тука и Грција, барем кога станува збор за фризерски салони. Искрено, секогаш сум давала предност на клиентите од тука и тоа така и ќе остане, иако имам клиенти не само од Грција, туку и од секаде низ Европа.

GevgelijaNet: Доаѓаат Новогодишните празнувања и претпразничните деловни славења. Па, има ли налет на клиенти деновиве? Со што ќе им го разубавите празничното чувство на дамите? Имате ли некои изнанадувања во модните трендови за свечени прилики?
Наталија: Секако дека да. Декември од секогаш бил нај зафатен месец и сите овој период сакаат да се средени. Кај нас секогаш има големи попусти и награди и тоа редовно го објавуваме на нашите социјални мрежи.
GevgelijaNet: Каде можат да Ве најдат и закажат третман читателките кои ќе го прочитат нашиот разговор и ќе посакат едно разубавување на косата кај Вас?
Наталија Чочкова Кочева: Сите заинтересирани можат да не’ најдат на социјалните мрежи facebook и Instagram ‘StudioChochkovaa’ или на нашиот телефонски број што е оставен на истите тие профили.
На Вас и сите Ваши читатели Ви посакуваме да останете во добро здравје, и да Ви посакаме среќни новогодишни празници.

GevgelijaNet: Наталија Ви благодариме за разговорот. За крај Ви посакуваме успех во новата 2026 година, напредок во понатмошното деловно творење, многу задоволни клиентки и насмеани дами низ нашиот град со третманот за фризерско разубавување од „StudioChochkovaa“.
Ние почитувани читатели Ви споделивме една успешна деловна приказна, која е одраз на долгата занаетчиска традиција во Гевгелија. Ако не Ви треба мајстор за расфета за расположение деновиве, светнете го со насмевка Вашето лице со нова фризура и нов свечен лик за Новата Година! СРЕЌНО!




















