ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против Б.Ш.(40) од Богданци поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „помагање“ во врска со „фалсификување исправа“, против Д.Л.(33) од Скопје за „злоупотреба на лични податоци“ и „фалсификување исправа“ и против Б.З.(45) од Скопје за „фалсификување исправа“.
Во септември 2025 година, првопријавениот без согласност на неговата мајка и уште едно лице ги искористил нивните лични податоци од лична карта и патна исправа и му ги предал на второпријавениот, кој без согласност, ги искористил нивните лични податоци во постапка за кандидирање на членови на Советот на општина Богданци пред општинска изборна комисија Богданци, а го фалсификувал и потписот на лицата. Така направените лажни јавни исправи, од третопријавениот Б.З. од Скопје на 13.09.2025 во Богданци биле предадени на членови на општинска изборна комисија Богданци, а со цел поднесување на листа за кандидати за членови на советот на општина Богданци.
Вториот случај за кривично гонење што го поднесува ОВР Гевгелија до ОЈО Гевгелија е против С.Б.(36) од Струмица, поранешна вработена во еден мобилен оператор, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“.
Пријавената, во периодот од март до септември 2024 година, во својство на бизнис агент свесно и со умисла присвоила осум мобилни уреди кои што и биле доверени во службата, на тој начин што на менаџерот од Гевгелија му прикажувала факти дека ќе склучи бизнис договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран и ќе им ги додели мобилните уреди во вид на субвенциона форма за направените активации и обнови. Додека, на месечните пописи кои биле правени во продажниот салон во Гевгелија свесно било прикриено дека фали трговска стока, со што пријавената причинила имотна штета на оштетеното правно лице во износ од околу 600.000 денари.
По Кривичните пријави надлежен орган за постапување е Основното Јавно обвинителство во Гевгелија.



















