Во акција на вработените од Подрачната единица на Шумско стопанство „Кожуф“ Гевгелија денеска беше извршено пошумување на близу 60 хектари површина во близина на с.Смоквица, гевгелиско која беше уништена со големите пожари во 2024 година.
Засадени се 100.000 садници на чемпрес и црн бор на теренот кој претходно беше обработен и подготвен од вработените во Шумското стопанство Гевгелија. Во акцијата беа вклучени преку 50 вработени од ПШС „Кожуф“.
– „Доколку предвидувањата да заврне дожд попладне се исполнат, верувам дека зафатот на пошумените садници ќе биде огромен и за некоја година од денес ќе имаме повторно прекрасни зелени разгледници покрај автопатот. Ние ќе продолжиме и понатаму да ја чуваме и негуваме природата во Македонија, а со тоа да влијаеме и на самиот квалитет на воздухот“, вели директорот на Македонски шуми Кире Михаилов.
Новиот зелен појас кој треба да изникне и да го краси видикот кон Смоквица и околината видлив од автопатот „Пријателство“ е во Шумската единица „Јаворица“. Нека растат садниците, нека се зеленее!






















