Највисокиот врв на Балканот, врвот Мусала (2.925 мнв), на планината Рила во Бугарија викендов беше искачен од 35 планинари од Гевгелија, од кои 30 членови на ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија, а 5-мина членови на ПСК „Двете уши“ од Гевгелија.
Искачувањето беше последниот ден од јануари годинава, реализирано во зимски услови, на температура од -10 во текот на денот во -20 во утринските часови кога започна акцијата за искачување на врвот.
– „Акцијата се одвиваше во екстремни услови, со температури од -10 до -20°C, силни снежни бури и ветер кој на моменти достигнуваше и до 80 км/ч. Планината беше немилосрдна, а секој изминат метар претставуваше борба со студот, заморот и сопствените граници. Ова не беше обична викенд тура. Ова беше вистински тест на издржливоста, дисциплината и меѓусебната поддршка“ – изјавија од ЗПСК „Кожуф“.

Во вакви екстремни услови, секој чекор беше заслужен, а чувството да се најдеш на врвот на Балканот беше непроценливо. Членовите за оваа тура се подготвуваа преку тренинг тури, а за безбедноста и успешното искачување беше набавена професионална зимска опрема, која им овозможи да се справат со снегот, ледот и ветрот.
Токму нивната упорност и храброст, комбинирани со грижа еден за друг, им овозможија да го достигнат врвот, со свесност дека природата е моќна и секогаш ја заслужува нашата најголема почит.

Ова е искачувањето во мугрите со помошни светилки за следење на трасата.
На врвот истиот ден стасаа и планинарите од ПСК „Двете уши“. Нивната екипа радосно позираше пред објективот задоволни од постигнатото.

Ова е голема победа на гевгелиските планинари и највисоко достигнување во почетокот на годината, со искачување на врвот од Балканските планински низи.




















