Обилните врнежи деновиве придонесоа за полнење на реките и езерата во државата, а тоа е видливо на браната Паљурци кај Богданци која го достигна максималниот капацитет 3.000.000 м3 вода и се прелеа.
Пред две години акумулацијата Паљурци беше на својот биолошки минимум, а деновиве природно се наполни.
Прелеаната вода преку канал оди во реката ,,Луда Мара” која поминува крај Богданци и се влева во Вардар.
Ова е ретка глетка за жителите на Богданци. Рибарите побрзаа да фатат риба која природно им паѓа во мрежа од прелеаните води на браната.
Браната е изградена во 70-те години на XX век и истата со својот максимален капацитет се користи за наводнување на земјоделските површини во богданско, со можност да опслужува 550 хектари земјоделско земјиште.
Тоа е земјена насипна брана која е лоцирана на 9 km од вливог на реката Луда Мара во Вардар.
Околниот простор е урбано уреден за викенд посетители, за рибари рекреативци за пик-ник седенки. Ова е најблиска локација за прошетка на жителите од Богданци во природа. Зеленилото и ширината на простотот со мирната езерска вода имаат смирувачки тон за секој добронамерник.



















