Младиот 21 годишен жител на Николиќ од општина Дојран на ден Водици го фати Чесниот крст потопен во осветените води на Дојранското езеро и со него ги посети сите христијански куќи во општината за да им го донесе благовестието на Христос за здравје, среќа, мир, благодет во секој дом.
Овој млад жител на југот својата посветена мисија за добродетелство не ја заврши тука туку продолжи со своите добри дела. Тој собраните средства од благодарните жители на Дојран за посетата со Чесниот крст ги донирал во целост за потребите за лекување на малата Нина Димитриевска од Струмица која има 14 години, а од нејзини 2 години се бори со церебралната парализа поради која не може да застане на нозе и самостојно да оди.
За хуманото дело на Ристе не научивме од него (така се однесуваат вистинските хуманитарци, не се фалат за својата добрина и дела), туку од мајката на Нина која му се заблагодари на Ристе за донацијата на социјалните мрежи:
– „Иако Водици помина, вистинската смисла на празникот продолжува да живее преку добрите дела.
Момчето кое го фати Светиот Крст годинавана на Водици, во Дојран кога се фаќа Светиот Крст како симбол на вера, надеж и благослов, едно младо момче со неговите другари покажа дека вистинската сила не е само да го фатиш Крстот… туку да го фатиш за животот за некој друг.
Со огромна хуманост и чисто срце, тој одлучи собраните пари да ги донира за лекување на нашата ќерка Нина.
Ова не е само чин на добрина – ова е пример дека човечноста е најголемиот благослов.
Нека му се врати со здравје, среќа и Божја милост, а Нина нека добие шанса за подобро утре. ❤️
Секој може да биде херој… кога има срце.
Ова е доказ дека хуманоста не е само момент, туку избор што се прави од душа.🙏🙏🙏“ – напиша мајката на Нина, Симона Димитриевска.

Ристе е млада душа со верска посветеност и разбирање дека во животот треба да се помага на послабите, а тој со своите 21 година чувствува сила и способност да помогне на болно девојче да застане на своите нозе донирајќи ги собраните парични средства од жителите на општина Дојран за потребните операции и терапии на тинејџерката Нина.
Секоја чест момче!

Богојавление во Дојранското езеро – најсреќен беше Ристе Стојчев



















