Христос вечераше со својот предавник, Никола Тимев Мамли мезеше со својот убиец
Професионалниот фотограф Душо Демерџиев од Дојран објави фотографија од несреќната жртва Никола Тимев со двајца пријатели од кои постариот (55 год.) В.Р. на 1 ноември стана негов џелат и егекутор, го претепал со метална шипка, му нанел повеќе скршеници по телото, како и на черепот и го оставил на скалите додека обилно крварел. Никола почина истиот ден во болницата во Гевгелија.
Никола и В.Р. долги години биле пријатели и делеле заедничка софра, мезе и пијачка. Еве што напиша за нив локалниот фотограф Демерџиев:
„СПОМЕН И ЖАЛ ЗА ДВАЈЦАТА
Во животот има луѓе што не можеш да ги ставиш во рамки. Такви беа и овие двајца од Дојран — секогаш гласни, во движење често заедно и под дејство на алкохол, но на свој начин присутни во животот на сите нас. Понекогаш тешки за поднесување, но секогаш тука. Иако не се вклопуваа во средината, беа дел од неа. Со нив, како и да е, животот беше поразличен, пообоен, пореален. Секогаш дел од сликата на нашето секојдневие. Иако понекогаш ме нервираа, и сега, кога ги нема, ми недостигаат. Дури и тие незгодни моменти што сум ги имал со нив, сега ми изгледаат некако поинакви. Се претворија во спомени што не сакам да ги избришам. Јас лично многупати сум се среќавал со нив. Имам и непријатни спомени, но и добри. А сега, после оваа трагедија, дури и тие незгодни моменти ми изгледаат како дел од нешто вредно. Како дел од животот наш заеднички што не се повторува.
Животот е чуден. Еден ден ги гледаш заедно седат, јадат, пијат насмеани, другиот ден слушаш дека едниот е мртов, а другиот во затвор. И сето тоа за миг, за нешто што никој не може да го врати назад.
Искрено, жал ми е за двајцата. За животот што згасна и за оној што се кае. Никој не заслужува таков крај, но животот, изгледа, ги има своите тивки и горчливи патишта често знае да биде потежок отколку што можеме да разбереме, за оној што го изгуби животот и за оној што го изгуби патот и, се прашуваме зошто тоа е така. Дали можеше да биде поинаку….? Прашања многу но често немаме одговор.
Понекогаш мислам — можеби Бог гледа подалеку од нас. Можеби Тие постојат со одредена цел за наша поука. Можеби таму, во Неговите очи, тие двајца сега се разбрани подобро отколку што некогаш биле разбрани тука од нас. Пред две недели со Мамли, „починатиот“ разговарав и го советував дека „Ако само мали корекции и промена направиш, животот многу ќе го смениш“, а тој ми одговори „Ти сакиш уд јабулка, круша да направиш, е тоа е тешко“. Ова е хумористично но вистинито, секој има свој животен пат и свое место и улога под оваа сонце и којзнае можеби ќе научиме нешто од сето ова.
Нека му е лесна земјата на оној што замина, и нека му се отвори пат на оној што остана, да ја најде вистината и надежта во срцето.
И верувам дека Бог ја гледа човечката слабост поинаку отколку ние — со милост, со сожалување, со надеж. И тоа нека биде потсетник дека секој човек, без разлика колку е различен, добар или не, има свој товар, своја болка, своја тивка приказна, но и своја вредност.
Ние ќе ги паметиме и двајцата — со сите нивни слабости, недостатоци и маани но и со она човечко нешто што ги правеше живи, вистински уникатни, неповторливи и наши, како и многу други такви како нив кои беа пред нив, а и ние сите, добри или лоши сите сме дел од историјата на Дојран, приказна што ќе ја раскажуват идните генерации на ваков или инаков начин“ – напиша Демерџиев – фотограф од Дојран на сцијалните мрежи.

Ова е жртвата Никола Тимев – Мамли




















