Полна тезга изработки од дрво, резбарии, фигури, рељефи – се дел од експонатите кои деновиве во пресрет на 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената можете да ги забележите изложени во центарот на Гевгелија, на шеталиштето „Маршал Тито“.
Креатор на ова уметничко катче е гевгеличанецот Васил Танев. Ни’ открива дека со обработка на сувенири, украсни предмети, рељефи… се занимава веќе 20 години. Тоа му е хоби, но и вентил за експресија на своите уметнички пориви.
Васил е професионален пожарникар во ТППЕ Гевгелија со веќе близу 40 години стаж. Во работното време е посветен на својата професија, а мирот од бурните и некогаш ризични акции го наоѓа во своето домашно атеље каде што во мир го обработува дрвото кое во негови раце може да стане гитара, кофчеже за драги предмети, долапче за наќит, држач за пепељара, стол, фигура на разгрането дрво и слично.

– „Дрвата за обработка ги бирам сам. Некогаш користам даб, некогаш круша, слива, бука, ела, зависи од обработката која сакам да ја направам и колку е таа захтевна за обликување. Со ова се занимавам веќе 20 години, самоук сум, работам и учам и ќе продолжам да работам зошто тоа ме исполнува“ – вели пожарникарот-уметник Васил.
Го поздравивме пожарникарот Васил, кој додека работи на својата професија спасува од огнена закана имоти, лица, општествени добра, а додека твори со своето хоби создава убавина која ретко ја гледаме изложена. Но, тој вели дека многумина го знаат и ги купуваат неговите дрвени изработки.
Ако ве интересира нешто од експонатите од штандот на дрвените изработки на пожарникарот-уметник тој ќе биде присутен и утре недала на градското шеталиште во Гевгелија. Појдете, погледнете, честитајте му на креативноста, па и ако ништо не одберете ќе ја вдишите градската атмосфера на утрешниот празничен ден во Гевгелија.




















