Во зимски услови и со зимска опрема шестчлен тим на Планинарскиот спортски клуб од Гевгелија „Двете Уши“ го остварија долгоочекуваниот подвиг – искачувањето на Ботев врв на Стара планина во Бугарија, лоциран на 2.376 метри надморска висина.
Ова е подвиг реализиран после 7 години, по една неуспешна мисија за искачување на овој жилав планински терен во соседна Бугарија. Но „Некои легенди и филозофи кажуваат дека секоја седма година во животот е пресудна!“ – велат од ПСК „Двете уши“.
Затоа со оптимизам се зафатија со оваа акција и ја претворија во подвиг на неделата.
– „За нашиот клуб, оваа планинарска акција не е како и секоја друга, заради големата емоција која ја носиме уште од 2018 година. Идејата за формирање на нашиот планинарски клуб се роди во 2018 година, по еден неуспешен обид да се освои Ботев врв“ – ја искажуваат својата имресија и остварена идеја членовите на „Двете уши“.
Својот стремеж за успех тие го темелат и на зборовите на легендарната американска скијачка Линдзи Вон:
– „Животот е премногу краток за да не си дадете шанса. Затоа што единствениот вистински неуспех во животот е да не се обидете.“




















