Во текот на вчерашниот ден во Гевгелија наврнаа 23 литри дожд на 1 метар квадратен, а утринскиот извештај вели дека дождовните облаци истуриле уште 7,1 литри воден талог во текот на 6 часа. Тоа се вкупно 30,1 л.м2 дождовна маса која ја оставија облаците во текот на 30 изминати часови во атарот на Гевгелија.
Утрово најмногу дожд од 48 л/м2 наврна во Пожаране, 45,3 во Тетово, 33 во Лазарополе. УХМР алармира на претпазливост од можно излевање на реките и водотеците во Полошкиот регион.
Во гевгелиско надојде Сува река и го демантира своето име кое го доби по сувото корито во текот на летните месеци и сушните сезони. Се очекува до крајот на денот да се покачи горниот слив на Вардар, а по течението заедно со водите од сливот да пристигне покачена водена маса и во Вардар кај Гевгелија.
Во моментот на територија на Македонија во централните планински предели, Велешкиот регион и регионот на Овче Поле има појава на грмежи проследени со слаб до умерен пороен дожд и засилен ветер, јавува дежурниот на радарски центри Лазар Златев.
Од УХМР го повторуваат МЕТЕО АЛАРМОТ за денес: Ќе има повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 l/m²). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 km/h). На планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Попладне ќе дува ветер од северен правец.




















