„Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“
Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна-Никола Бадев.
Денеска се навршуваат 50 години од смртта на овој македонски пејач со кадифен глас и кадифена душа, кој остави неизбришливи траги во македонското културно наследство.
Дебитираше на аудиција за Македонското радио – Радио Скопје во 1948 година и стана „глас на Македонија“. Во текот на својата музичка кариера за потребите на Радио Скопје, Бадев снимил над 500 песни, меѓу кои најпознати се: „Збогум, мајко, јас отидов“, „Ој, Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“ итн…
За него велат „Тивко пееше – далеку се слушаше!“
Никола Бадев почина во Скопје на денешен ден на 25 Септември 1976 на 58 годишна возраст.
Бадев е роден на 8 август 1918 година во с.Глишиќ, Кавадарци. Никола Бадев е македонски пејач на народни песни, како и собирач на народни песни.
Како човек од југот го сакаше Југот. Имаше своја виќендица во Дојран и често престојуваше тука. Беше дружељубив, а песната секогаш присутна на секоја седенка. Почина прерано оставајќи богати музички записи со неговиот глас за македонската фолклорна ризница.
Кавадарци се оддолжи на својот македонски бард со отворена музејска поставка за него и неговата музика.

Познавачите и луѓето кои соработуваа со Бадев за него имаат само пофални зборови: човечност, ненаметливост, музикалност, непосредност, пријателски настроен кон сите… Дефиниција за музичар!
Никола Бадев е една исклучителна појава во интерпретирањето на македонската изворна песна, беше и остана човек од народот и негов исклучителен претставник. Никола Бадев, бардот на македонската народна песна, освојува со неговото назално пеење со мек и милозвучен глас како памук.






















