Претпладнево во атар во с.Стојаково, општина Богданци избувна пожар кој зафати сува трска. Подрачјето кое гореше беше во близина на Мандрата на некогашен ЗИК „Изворски“, позади објектот на текстилниот погон „НОЕЛ“ во Стојаково.
На терен веднаш се упати екипа на ТППЕ Гевгелија составена од едно противпожарно возило и два пожарникари. До теренот кој гореше требаше да преминуват ниви и земјоделски посед. Пожарот беше голем со пламени јазици кои достигнуваа и до 5-6 метри над земјата.
– „Горењето на трската беше проследено со густ црн чад. Пожарот беше интензивен, не можеше да се влезе во трската туку мораше да се пресече ширењето на пожарот. Тоа на екипата на ТППЕ Гевгелија им успеа кај полскиот пат каде огнот беше пречекан со силен млаз од вода“ – вели дежурниот пожарникар од ТППЕ Гевгелија.
Акцијата траеше цели два часа, од 11:00 до 13:10 часот, но резултатот беше успешен, пожарот изгаснат, а на терен остана 5 декари изгорена трска. На околниот простор имаше приватни пластеници и насади со пролетна зелка кои претрпеа штета од високата температура од интензивното горење на трската и од прелет на запалени парчиња трска носени од ветрот кои паѓаа врз пластениците.
Ова е прв пожар на отворен простор годинава, иако е се’ зазеленето. Причините за избувнувањето на пожарот не се познати.



















