Саботниот ден, 14 март ќе биде виќенд ден за спорт и сеќавање во Гевгелија. На иницијатива и организација на Одбојкарскиот клуб „ГЕВГЕЛИЈА – ВЕТЕРАНИ“ од Гевгелија ќе се одржи првиот Меморијален турнир во одбојка „Љубе Ефтимов“, со учество на екипи од Гевгелија, Тетово и Струмица.
Спортскиот настан е закажан со почеток во 10:30 часот, во малата сала на спортскиот комплекс „26-ти Април“ во Гевгелија, каде на мрежата ќе се соочат трите тима ветерани, во дружба и спортско надмудрување на теренот.
За Меморијалот „Љубе Ефтимов“ ќе кажеме дека е инспирација спортскиот придонес на именосецот на турнирот. Љубе ефтимов е поранешен одбојкар и спортски талент кој оставил значаен белег во македонската и југословенската одбојка.
Роден е на 11 март 1954 година во Демир Капија, по завршувањето на основното образование доаѓа во Гевгелија каде го продолжува средното образование, на 17 години станува дел од тимот на одбојкарскиот клуб „ВИНОЈУГ“ од Гевгелија.
Неговиот талент, дисциплина и посветеност брзо го издвоиле како еден од најперспективните и најзабележителните одбојкари во регионот. Во тој период клубот доживеал значителен подем во однос на резултатите во Втората Сојузна Лига.
За време на отслужувањето на војниот рок учествувал во селекцијата на ЈНА, а веднаш по неговото завршување бил повикан во „Б СЕЛЕКЦИЈАТА“ на репрезентацијата на ЈУГОСЛАВИЈА, По период на одлични настапи и успешна игра на клубско ниво во 1978 година пристигнува и признанието од град ГЕВГЕЛИЈА за „СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА“.

Во наредниот период од кариерата на гевгелискиот одбојкарски првенец следуваат и понуди од поголеми клубови меѓу кои „Раднички“ од НИШ и „Работнички“ од Скопје, истиот одбивајки ги понудите продолжува со успешни игри во матичниот клуб се’ до распаѓањето на индустрискиот гигант „Винојуг“ каде и завршува со активно играње одбојка.

Ефтимов повторно се враќа на терените со обновувањето на одбојката во градот и формирањето на одбојкарскоот клуб „Гевгелија“ кога на 40 на годишна возраст повторно заигрува и активно учествува во работата на клубот.
- „Со организирањето на овој меморијален турнир сакаме да оддадеме голема почит кон ликот и делото на Љубе Ефтимов, човек кој со својата посветеност, талент, љубов кон одбојката кој беше и инспирација за младите таленти спортисти, остави траен белег во спортската историја на Гевгелија“ – велат организаторите на Меморијалот, ОК „Гевгелија ветерани“.
Во чест и спомен на одбојкарскиот виртуоз од Гевгелија организаторите Ве покануваат на спортска дружба, утре сабота, 14 март, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија (малата сала) да ги проследите натпрварите од Меморијалот и да ги бодрите најдобрите, секако гевгеличани.




















